Свет

Расте бројот на жртвите во САД Бројот на загинатите во Лас Вегас се зголеми на 59

Бројот на загинатите во Лас Вегас се зголеми на 59

Бројот на смртно настраданите во вооружениот напад на музичкиот фестивал во Лас Вегас во неделата се зголеми на 59 луѓе, а бројот на повредените изнесува 527 од кои дванаесет се во критична состојба, изјави за медиумите шерифот на округот Џозеф Ломбардо.

Џон Фаденберг, од судската медицина за округот Кларк во американската сојузна држава Неведа, изјави дека бројот на жртвите може да биде поголем и не сакал да каже дали сите жртви се застрелани. Во медиумите, инаку, се споменува и можноста дека некои од загинатите се можеби прегазени во стампедото кога околу 22.000 посетители на музичкиот фестивал ги зафатила паника по првите истрели и почнале да бегаат на отворениот простор.

Нападот го извел осамениот напаѓач 64-годишниот Стивен Педок кој пукал од својата хотелска соба на 32-от кат на хотелот „Mandalay Bay“ врз публиката на фестувалот „Route 91 Harvest“. Педок се убил пред полицијата да провали во неговата хотелска соба од којашто пукал врз толпата.

Полицијата додаде дека напаѓачот досега немал сторени кривични дела и оти засега не е познат мотивот за нападот врз посетителите на концертот. Полицијата, исто така, соопшти дека верува дека делувал самостојно.

Исламската држава објави дека бил нејзин припадник кој пред неколку месеци преминал во исламот, но засега нема докази кои би ги потврдиле таквите тврдења. Функционери на Федералното биро за истраги (FBI) и Централната разузнавачка агенција (CIA) го отфрлија ваквото тврдење и велат дека нема докази дека Педок бил поврзан со некоја милитантна групација.

„Не знаеме какви биле неговите уверувања. Не може да се влезе во умот на психопат“, изјави шерифот Ломбардо.

Додаде дека во хотелската соба во којашто отседнал напаѓачот и од којашто пукал се пронајдени 23 парчиња огнено оружје од кои некои имале оптички нишани, а некои биле преправени во автоматски оружја.

Полицијара во претресот на домот на напаѓачот во Месквето, околу 145 километри североисточно од Лас Вегас, најдени се уште најмалку 19 парчиња оружје и илјадници парчиња муниција заедно со „некои електронски направи кои во моментов се испитуваат“, додаде Ломбардо на прес-конференцијата.

Крис Саливен, сопственик на продавницата за оружје во Месквето, објави изјава во којашто потврди дека Педок купувал оружје кај него, како и дека ги минал „сите потребни проверки и процедури“. Братот на Педок изјави дека тој заминал во пензија и во 2015 година купил куќа во место, каде што живеат претежно пензионери, а и дека има пилотска дозвола.