Бројот на жртвите од поплавите во Индија надмина 400 луѓе

Бројот на жртвите во поплавите во источниот дел на сојузната индиска држава Бихар во текот на саботата се зголемил од 153 на 202 луѓе, а во регионот зафатен од стихијата живеат повеќе од 12 милиони лица.

Националната канцеларија за справување со последици оф природни непогоди во неделата објави дека како последица од монсунските поројни дождови во сојузните држави Бихар, Асам , Западен Бенгал и Утар Праеш оваа седмица животите ги загубиле најмалку 412 луѓе.

Во Бихар се распоредени 28 единици на силите за реагирање на вонредни ситуации, подигнати се 1.765 кујни на отворено, кои опслужуваат 350.000 луѓе во регионот погоден од невремето. Организирано е доставување на храна и основни продукти од воздух за жителите на селата отсечени од поплавите.

Монсунските дождови, кои предизвикаа голем пораст на водостојот, ги зафатија истокот и североистокот на Индија од почетокот на август. Посебно се погодени државите Бихар и Асам, а во втората загинале 144 луѓе и поплавени се повеќе од три илјади села.