Македонија

Брзото возење гилотина – само минатава недела четири жртви

Брзото возење гилотина – само минатава недела четири жртви

Иако статистички бројот на сообраќајки го следи трендот на намалување, јавноста изминатава недела неколкупати беше потресена од страшните несреќи на патиштата ширум земјава, од кои за жал некои имаа фатални последици.

Меѓу последните во низата е страотната несреќа која се случи во петокот вечерта, кога дваесетгодишната Фросина Цековска од Крива Паланка го загуби животот откако беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“. Дваесет и шестгодишниот возач Љ.В. од Скопје со своето возило „хонда“ удрил во несреќната девојка со голема брзина, како што раскажуваат очевидците. По несреќата не стивнуваат негативните коментари за возењето на возачот, како и шпекулациите дека возел со брзина од 160 километри на час. Недоволното внимание, несовесното возење, како и големата брзина често знаат да резултираат со фатални последици, како што е и во дадениот случај. Најболниот момент во целата ситуација е што загубениот човечки живот не може да се врати, а ниту каењето, ниту ништо друго не може да ја надомести душевната болка на најблиските.

partizanska1

Изминатава ноќ сообраќајна несреќа се случи на улицата „Гоце Делчев“ во Штип, во која на лице место почина шеесет и четиригодишниот таксист Ванчо А. До несреќата дошло кога се судриле автомобил „бмв х5“, управувано од дваесет и едногодишниот О.Х. од Турција и возилото „волксваген венто“, кое го возел таксистот. Покрај загубата на животот во несреќата со повреди се здобиле четири патници од такси возилото, меѓу кои имало и трудница. Повредените итно биле пренесени во Болницата во Штип, каде двајца од нив биле задржани на понатамошно лекување.

Само еден ден претходно на улицата „Бутелска“ во Скопје седумдесет и четиригодишниот А.Т. со својот автомобил „шкода фаворит“ го прегази седумдесет и шестгодишниот Милутин К. Старецот со тешки телесни повреди бил веднаш префрлен на Ургентниот центар, каде подоцна им подлегнал на повредите.

Истиот ден граѓаните ги вознемири тешка сообраќајна несреќа која се случила на излезот од Струмица. Во несреќата тешко повредена е девојка, која е во критична состојба и се уште се бори за живот. До сообраќајката дошло кога при судар на две возила, едното се извртело, преминало во спротивната лента и се удрило со трето возило.

Седумдесет и деветгодишниот Бошко С. минатиот вторник почина откако на булеварот „Кочо Рацин“ во близина на Олипмискиот базен беше прегазен од мотоцикл, на кој се возеле две лица. Возачот на моторот, осумнаесетгодишниот Е.Б., како и неговиот сопатник  М.У. се здобиле со повреди. Возачот е пренесен во Ургентниот центар, а сопатникот во Градската болница.

olimpiski

Фрапира податокот дека само во изминатиов викенд на подрачјето на град Скопје се случиле 26 сообраќајки, од кои билансот е две жртви и дваесет и пет повредени.

Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата упатија апел до пешаците и до возачите за внимателно и совесно учество во сообраќајот.

До пешаците, а особено до повозрасните апелираат многу внимателно да преминуваат улица и тоа на пешачки премин, како и само тогаш кога светлото на семафорот ќе биде зелено за нив.

До возачите, особено до помладите и понеискусни возачи апелираат да бидат внимателни во сообраќајот, бидејќи брзото возење убива!

„Воланот во рака е висока одговорност, која бара смиреност, карактер, знаење, а агресивното однесување во сообраќајот е потенцијално убиство. Бидете внимателни и однесувајте се одговорно во сообраќајот – затоа што сообраќајот не е игра!“, апелираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.