Македонија,Крими хроника

Бучковски не сака во затвор, за него битката продожува

Бучковски не сака во затвор, за него битката продожува

Поранешниот премиер на Република Македонија, Владо Бучковски, најави за НетПрес дека ќе се бори до крај. Имено, Бучковски, вели дека откако ќе ја добие пресудата, во рок од три дена ќе поднесе ново барање.

„Пресудата сеуште ја немам добиено. Законски имам право три дена откако ќе ја добијам да поднесам ново барање. Тоа и ќе го направам“, изјави за НетПрес, Бучковски.

Во текот на вчерашниот ден, излезе информацијата дека за осум дена, експремиерот треба да се појави во затвор за да ја издржува казната од две години за случајот „Тенковски делови“.

Колку за потсетување, Бучковски откако добил упатен акт за издржување на казната побарал одлагање за да ги заврши веќе отпочнатите обврски на Правниот факултет, но судијата за извршување санкции ја одбил одлуката како неоснована по што тој поднел жалба и до кривичниот совет и навел дека со неизвршување на превземените обврски на Правниот факултет – Скопје би предизвикале штета на студентите и факултетото што е доволна причина согласно законот да се одложи извршувањето на санкцијата информираат од судот.

И Кривичниот совет ја одбил жалбата и го потврдил решението на судијата, бидејќи како што објаснуваат од судот, осудениот по приемот на второстепената пресуда, имал обврска да го извести Деканатот на факултетот дека ќе биде спречен да ги извршува превземените обврски како редовен професор во престојниот семестар заради одлука на Апелациониот суд – Скопје со која е осуден на казна затвор во траење од две години.

Пред два месеци, експремиерот Бучковски изјави дека и покрај тоа што биктата трае веќе 7 години ќе се бори до крај.

„Седум години трае овој судски процес, седум години ја барам правдата, но ја нема. Полесно ќе најдев игла во пласт сено. Како и да е, надежта последна умира, ќе ја барам правдата пред највисоката судска инстанца, Врховниот суд. Ќе поднесам вонреден правен лек за вонредно преиспитување на пресудата“, додаде Бучковски.

Владо Бучковски е првиот премиер од самостојноста на Република Македонија кој некогаш бил осуден на затворска казна.

Инаку Бучковски, кој своевремено и прв човек на опозициската СДСМ, беше обвинет во случајот „Тенковски делови“ заедно со поранешниот началник на Генерал штабот на АРМ, Методи Стамболиски.

На први јули минатата година, Основниот Суд Скопје 1, на поранешниот премиер му изрече затворска казна од три години, која од Апелација беше намалена за една, односно сега изнесува две години затвор.

Случајот „Тенковски делови“ се однесува за набавка на тенковски делови вредни над два милиони евра и набавка на повеќе од потребните резервни делови за текновите.