Теми,Македонија

Бучковски: Битката траеше 7 години, ќе ја продолжам до крај

Бучковски: Битката траеше 7 години, ќе ја продолжам до крај

Битката траеше седум години и планирам да ја продолжам до крај. Следно е жалба до Врховниот суд, рече во изјава за НетПрес, поранешниот премиер на Репубика Македонија, Владо Бучковски, кој вчера од Апелација беше осуден на двегодишна затворска казна.

„Пресудата сеуште ја немам видено и затоа не сакам да ја коментирам. Откако ќе ја видам ќе го искажам јавно моето мислење“, изјави за НетПрес, Бучковски.

Владо Бучковски е првиот премиер од самостојноста на Република Македонија кој некогаш бил осуден на затворска казна.

„Седум години трае овој судски процес, седум години ја барам правдата, но ја нема. Полесно ќе најдев игла во пласт сено. Како и да е, надежта последна умира, ќе ја барам правдата пред највисоката судска инстанца, Врховниот суд. Ќе поднесам вонреден правен лек за вонредно преиспитување на пресудата“, додаде Бучковски.

Инаку Бучковски, кој своевремено и прв човек на опозициската СДСМ, беше обвинет во случајот „Тенковски делови“ заедно со поранешниот началник на Генерал штабот на АРМ, Методи Стамболиски.

На први јули минатата година, Основниот Суд Скопје 1, на поранешниот премиер му изрече затворска казна од три години, која вчера од Апелација беше намалена за една, односно сега изнесува две години затвор.

Случајот „Тенковски делови“ се однесува за набавка на тенковски делови вредни над два милиони евра и набавка на повеќе од потребните резервни делови за текновите.