Бучковски во затвор по правосилност на пресудата

Владо Бучковски во рок од 8 дена по правосилноста на решението ќе треба да се јави во затворот Скопје за издржување на двегодишната затворска казна за случајот познат како „Тенковски делови“, пишува Канал 5.

Ваква одлука донел кривичниот совет на Основниот суд Скопје еден како одговор на жалбата на Бучковски против решението на судијата за извршување санкции, потврдуваат од Кривичниот суд.

-Бучковски откако добил упатен акт за издржување на казната побарал одлагање за да ги заврши веќе отпочнатите обврски на Правниот факултет но судијата за извршување санкции ја одбил одлуката како неоснована по што тој поднел жалба и до кривичниот совет и навел дека со неизвршување на превземените обврски на Правниот факултет – Скопје би предизвикале штета на студентите и факултетото што е доволна причина согласно законот да се одложи извршувањето на санкцијата информираат од судот, пишува Канал 5.

И Кривичниот совет ја одбил жалбата и го потврдил решението на судијата, бидејќи како што објаснија од судот, осудениот по приемот на второстепената пресуда, имал обврска да го извести Деканатот на факултетот дека ќе биде спречен да ги извршува превземените обврски како редовен професор во престојниот семестар заради одлука на Апелациониот суд – Скопје со која е осуден на казна затвор во траење од две години.