Будно се следат реките во земјава, опасност од излевање нема

Опасност од поголемо излевање на реките и акумулациите во земјава нема, бидејќи нивото на повеќето реки и акумулации во Македонија е под просечното, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески по денешниот состанок на Координативното тело.

Министерот Јанакиески истакна дека нивото на водотеците е двојно помало во однос на минатиот месец, а единствено е зголемено нивото на реката Пчиња, но активности и превентивни мерки се преземени уште денеска. Исто така додаде дека реката постојано се следи, на секои два часа се добиваат информации од хидрометеоролошкиот завод и дека доколку е потребно ќе бидат преземени и дополнителни мерки.

Донесен е и заклучок да не се испуштаат дополнителни води од акумулациите во наредните два дена, бидејќи согласно информациите од УХМР денес и утре се очекуваат врнежи, кои нема да бидат со голем интензитет и ќе бидат претежно во северозападниот дел од земјава.

Министерот нагласи дека не треба да се испуштаат води, пред се, во акумулацијата Калиманци и хидросистемот Злетовица.

Тој упати апел до сите општини во земјава да ги ангажират сите сили и будно да ја следат ситуацијата.

На состанокот покрај другото била разгледана и ситуацијата со водите во регионот. Во однос на поплавите во зејмите од регионот министерот рече дека помош од страна на Србија и БиХ не е директно побарана, но истакна дека има контакти со соседните земји и доколку има директни барања, Владата ќе одговори.

Дождовите во земјава немаат последици по земјоделските култури, освен што ќе биде одложена пролетната сеидба на пченицата, односно житариците.

Министерот за земјоделство, стопанство и шумарство, Љупчо Димовски истакна дека малите штети во одредени подрачја на земјава се санирани, а ситуацијата е нормализирана и земјоделските култури се во добра кондиција. Тој исто така додаде дека сите земјоделски активности со оглед на околностите се одвиваат во најдобар ред.