Македонија

Буџетот за Специјално јавно обвинителство помина на Собраниска комисија

Буџетот за Специјално јавно обвинителство помина на Собраниска комисија

Буџетот за Специјално јавно обвинителство помина на Собраниската комисија за финансирање и буџет.

На денешната седница собраниската комисија ја разгледа Предлог одлуката за распределба на средства помеѓу буџетските корисници  на централната власт и меѓу фондовите и заклучи да се даде на понатамошна постапка во Собранието.

Како што појасни вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со предлог-одлуката се реалоцираат средства од буџетот за Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Согласно Законот за јавно обвинителство за кривични дела кои се поврзани со незаконското следење на комуникациите Владата на Република Македонија е обврзана да обезбеди средства за непречена работа на Јавното обвинителство. Согласно финансискиот план средствата во износ од 63 милиони 420 илјади  и 428 денари се наменети за работење и непречено функционирање на Јавното обвинителство за последниот квартал од 2015 година.  Тие се обезбедуваат со намалување во разделот Министерство за финансии – функции на државата, рече Ставрески, пренесува МИА.

Како што нагласи, со предложената Одлука за прераспределба на средства се предлага реалокација на средствата од буџетот на РМ од 2015 година, а согласно Законот за буџет за прераспределба помеѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите одлучува Собранието.

Затоа очекувам оваа одлука да биде потврдена од Собранието на Република Македонија, рече Ставрески.

Финансиските средства на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се наменети за исплата на плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавно обвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и услуги, трошоци за време на постапките, вклучувајќи и средства за советувања и мислења од експерти, средства за професионално унапредување, средства за одржување на просториите и опремата, како и капитални инвестиции на Јавното обвинителство.