Буџетот би требало да се изгласа на попладневната парламентарна сесија

Во рамки на петтиот ден од расправата за буџетот за следната година, денеска би требало да се изгласа на попладневната парламентарна сесија.

Приходите се планирани на 158 милијарди и 343 милиони, а расходите на 176.514 милиони денари. Буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а инфлацијата на 3,3 проценти. Буџетот за 2014 година се очекува да овозможи подинамичен економски раст преку реализацијата на капиталните инвестиции кои се за 11 проценти повеќе во однос на годинава и ќе ја задржи социјалната стабилност преку зголемениот износ за пензии и социјална помош, како и преку зголемениот износ за субвенции од 140 милиони евра.

За опозицијата, Буџетот за 2014 година е неразвоен и нереален и дава можност за, како што рекоа, уште едно манипулирање и купување гласови пред избори. Сметаат дека тој не нуди можност за раздвижување на економијата и отворање нови работни места, туку предвидува непродуктивни трошоци. Пратениците од СДСМ денеска потсетија на настаните од ланскиот 24 декември и изнесоа низа обвинувања на сметка на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, но и за други членови на Владата.

„Добро е што дебатата траеше пет дена, колку што е предвидено за граѓаните да имаат шанса барем делумна да ги чујат двете спротиставените мислења, алтернативни концепти кога станува збор за трошењето на нивните средства“, истакна координаторот на пратеничката група Игор Ивановски.

Според него, има само една работа што го дава директниот одговор зошто лани опозицијата била исфрлена од Собранието, а тоа е дека Владата оваа година не побара странски заем. -Лани интервенцијата на полицијата не беше за буџетот туку за заемот и за кредитите. Оваа година странски заеми нема, изјави Ивановски.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески реплицираше дека дебата меѓу него и координаторот на СДСМ Ивановски потсетува на дебата меѓу Арсен Венгер и Алекс Фергунсон кога Арсенал освојуваше титули, а Фергунсон тврдеше дека Манчестер Јунајтед е подобар.

„Меѓутоа резултатите и бројките покажуваат кој е подобар во секоја ситуација. Ќе останам со бројки да ви докажам дека ВМРО-ДПМНЕ во овие седум години е многукратно подобар во резултатите во однос на СДСМ и многукратно подобар од сите земји во регионот како Влада и како резултат што Македонија ги оствари во овој период. Првот податок за којшто вие секако би сакал да се изјасните, како според вашите објаснувања дека се е лошо во Македонија, дека многу лошо сме работеле, вкупно во овие седум години Македонија оствари просечен раст од 2,8 проценти и е петти најдобар во Европа“, рече Ставрески.

Само четири земји Турција, Полска, Словачка и Црна Гора имаат повисок просечен економски раст во овие години, а 30 други земји во Европа се зад нас.

„Во услови на криза ЕУ во овој ист период оствари просек од 0,8 проценти, Македонија има 2,8 проценти. Значи сме работеле подобро отколку земјите во регионот и другите земји и на тој начин сме направиле максимум во тие околности во коишто се работело. Второ, господине Ивановски, зошто одбивате да ја прифатите вистината дека „Џонсон контролс“ отвори 325 работи места, тоа се 325 семејства. Зошто вие не помогнавте да се отвори таква фабрика. Во Штип во „Џонсон контролс“ 768 семејства се хранат од платата што ја добиваат. Зошто вие не отворивте една фабрика па ќе имаше две. Во Скопје „Џонсон Мети“ 448 фамилии се хранат од новите работни места, „Кемет електроник“ 177 семејства, „Технохозе“ 32, „Ван Хол“ 250, „Кромберг и Шуберт“ во Битола 800 вработувања имаат сега, а ќе имаат 3.000 до крајот на реализацијата на инвестицијата. Ние во овој мандат во услови на криза успеавме да се отворат 5.000 и нешто работни места и е се отвораaт уште 7.000 до крајот на реализацијата на овие инвестиции“, рече Ставрески.

Седницата ќе продолжи во 15 часот, а беше прекината откако пратеникот Беким Фазлиу побара пауза од еден час во знак на протест поради неупотребата на албанскиот јазик.