Буџетот пред пратениците, за власта е најреформски – за опозицијата е нереален

Расправта за Буџетот за 2018 година по предлог на Владата предводена од СДСМ започнува во понеделникот, а до матичната Комисија за финансирање и буџет се пристигнати вкупно 279 амандмани, од кои 204 се од ВМРО-ДПМНЕ, а другите 75 од Движењето БЕСА.

Буџетот, кој е најголемиот досега од 3,43 милијарди евра, се очекува да биде донесен за дваесетина дена, односно во втората половина на декември.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев изјави во неделата дека смета оти предложениот Буџет е „најреформскиот“ досега и оти ќе овозможи раст на бруто домашниот производ (БДП) од 3,2 отсто во 2018 година, а дека буџетскиот дефицит ќе биде намален во однос на 2017 година и ќе изнесува 2,7 отсто.

„Наменивме над милијарда денари за Програмата за поттикнување на вработувањето, што претставува 5 отсто повеќе во однос на 2017 година, со кои ќе стимулираме нови подобро платени работни места. Ќе ги поддржиме компаниите да исплаќаат повисоки плати, со што ќе ја отвориме спиралата за покачување на просечната плата“, рече Анѓушев.

Тврди дека за програмата за економски развој, според предлог-буџетот за 2018 година се наменети 46 отсто повеќе средства, се крати од непродуктивни трошоци, како што е промоцијата на Македонија како бизнис дестинација.

„За 91 отсто се кратат непродуктивни трошоци за рекламирање и промоција на Република Македонија, што е најголемо скратување на средставата во Програмата за економски развој. Од друга страна, за поддршка на домашни гринфилд инвестиции се наменети над 900 милиони денари или 592 отсто повеќе во однос на ребалансот во 2017 година, 585 милиони денари или 23 отсто повеќе средства за привлекување на странски инвестиции, како и 385 милиони денари за поддршка на инвестициони вложувања. Домашните и странските инвеститори имаат исти услови за инвестирање, независно дали ќе се одлучат да инвестираат во Технолошко индустриските развојни зони или надвор од нив“, додаде вицепремиерот Анѓушев.

Рече дека во Буџетот се планирани капитални инвестиции од над 24 милијарди денари и дека Владата ќе работи напорно да над 80 отсто од планираните капитални инвестиции да бидат реализирани.

Буџетот за 2018 година е проектиран во висина од 211,7 милијарди денари, со реална приходна и расходна страна, а очекување на Владата е тој да обезбеди стабилност, развој и правична распределба на народните пари, велат од власта.

„Бараме да се реновираат студентските домови во Скопје, да се зголемат стипендиите за учениците и студентите. Меѓу амандманите имаме и предлог за зголемување на платите на вработените во МВР, како и дополнителни средства во случај СДСМ да ја прифати иницијативата,како и дополнителни средства во случај СДСМ да ја прифати иницијативата за продолжено породилно отсуство“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Буџетот за идната година е скроен на нереална основа, а проекцијата за економскиот раст од 3,2 отсто е превисока.

Пред повеќе од месец кога и беше објавен предлог-буџетот за следната година, од опозицијата излегоа со реакција во која изразуваат соменвање дека економскиот раст ќе надмине 3 отсто. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека владејачката СДСМ води погрешни економски политики, кои резултираа со неколку негативни резултати на домашната економија откако социјалдемократите се на власт.

„Сосема нереално е да се очекува 3,2 отсто економски раст за 2018 година кога државата оваа 2017 година одвај ќе ја заврши со 0,5 отсто економски раст, а можеби и негативен. Новата Влада најавува поголеми даноци, поголеми административни бариери и дополнително трошење за граѓаните и бизнис секторот. Наивно е да се верува дека тоа ќе донесе до економски раст“, смета Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.