Буџетот за 2015 предвидува повисоки плати, пензии и социјална помош

Во буџетот за 2015 година се предвидуваат поголеми плати во јавниот сектор од годинава и поголеми пензии и социјална помош од следната година.

Буџетот за 2015 година, кој помина синоќа на владина седница, како што истакна вицепремиерот Зоран Ставрески, е во функција на исполнување на приоритетите на оваа Влада, а тоа се поддршка на стопанаството и приватниот сектор опреку капитални инвестиции, но и стандардот на граѓаните.

Како што нагласи тој од ноември годинава со исплатата на октомвриската плата примањата во јавната администрација ќе се покачат за 4 проценти, а од јули со јунската исплата социјалната помош ќе се покачи за 5 отсто, додека пензиите од октомври со исплатата на септемвриската пензија ќе се зголемат исто така за 5 отсто.

– Предлог-буџетот е резулат на опсежна анализа, каде се земени во предвид два тренда и тоа движењата во европската економија и постигнувањата во македонската економија годинава, истакна Ставрески.

Тој доаде дека буџетот за 2015 година е проектиран на раст од 4 отсто на БДП, инфлација од 2 отсто и буџетски дефицит кој е понизок од годинашниот и изнесува 3,5 отсто.

– Европската економија покажа негативни знаци, во осум земји има пад на индустриското производство, како и негативни трендови во германската економија. Ние пак, забележавме висок раст за 4,3 отсто во вториот квартал годинава. Ги анализиравме и двата тренда и заклучивме дека македонската економија благодарение на економскиот раст, може да си дозволи покачување на платите, пензиите и социјалната помош и со тоа да го подобри стандардот на граѓаните, изјави Ставрески.

За субвенции за земјоделците, нагласи тој, се предвидени 140 милиони евра, додека за капитални инвестиции 21 милијарда 209 милиони денари.

-Следната година продолжува инвестицсикиот циклус во патната и железничката инфраструктура и издвои неколку побитни проекти како Коридорот 10 за кој ќе се вложат 3,4 милијарди денари и за железничката инфраструтура една милијарда и 311 милиони денари. За гасификацијата ќе се вложат 258 милиони денари, а за изградба на клинички центри 529 милиони денари. За изградба и реконструкција на средни и основни училишта 600 милиони денари. За изградба и опремување на технолошко-индустриски развојни зони предвидени се 535 милиони денари, посочи вицепремиерот.

Предлог буџетот до Собранието на Република Македонија ќе биде доставен во текот на утрешниот ден.