Бугарија го бара Камчев за почесен конзул

Амбасадата на Република Бугарија во Македонија испратила вербална нота во која бара согласност од македонското Министерство за надворешни работи да го именува  бизнисменот Јордан Камчев за функцијата почесен конзул на Република Бугарија со седиште во Штип.

Вербалната нота од Бугарската амбасада во Скопје била испратена  на 13 април, а во  Министерството за надворешни работи била заверена во архива на 17 април.

Од македонското Министерство  за надворешни работи потврдија дека добиле вербална нота од Бугарија во која го предлагаат за нивен почесен конзул во Македонија бизнисменот Јордан Камчев и пристигнало и  барањето за егзекватура (согласност на влада и дозвола што му се издава на странски конзул за вршење на конзуларни работи на определена територија во државата во која престојува).

Во вербалната нота на Амбасадата на Република Бугарија, до која дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, се вели:

Амбaсадата на Република Бугарија има чест да побара од Министерството за надворешни работи и од Директоратот за дипломатски протокол, согласност за отворање на почесен конзулат на Република Бугарија во Штип, а ги опфаќа градовите Штип, Кочани, Делчево, Зрновци, Карбинци, Македонска Каменица, Пехчево, Берово, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Виница, и Радовиш.  Амбасадата има чест да ве информира дека г-динот Јордан Камчев е  номиниран за функцијата почесен конзул на Република Бугарија  со седиште во Штип“.

Според процедурата, барањето се разгледува во МНР, потоа се бараат мислења од Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство при Владата. Кога ќе се комплетира документацијата, министерот за надворешни работи го предлага кандидатот на странската земја до Владата и ако тој или таа добие одобрение, министерот за надворешни му издава егзекватура.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.