Бугарија, Грција и Романија ќе градат регионална инфраструктура за природен гас

Бугарија, Грција и Романија денеска во Брисел потпишаа договор за соработка во развојот на регионална инфраструктура за природен гас.

Како што пренесе МИА, договорот е потпишан од страна на министрите за енергетика на трите земји.

Во февруари 2011 година Европскиот совет одлучи дека секоја земја-членка на Унијата треба да има најмалку два извора на природен гас и електрична енергија до 2014 година, како противтежа на евентуалниот прекин на испораките од Русија.

Романија се уште нема врска со гасната мрежа на Бугарија, иако повеќе години постои проект за изградба на гасовод меѓу Ѓургево и Русе. Гасоводот, чија вредност изнесува околу 24 милиони евра, треба да биде завршен до 2016 година.

Романскиот гасоводен систем е поврзан со оној на Унгарија и Молдавија, но при евентуален прекин на увозот од Русија, не ќе може да се компензира преку нив, бидејќи од Унгарија се внесуваат незначителни количества на гас, а гасоводот со Молдавија е наменет за извоз.