Бугарија и Македонија очекуваат поддршка од ЕК за заедничките инфраструктурни проекти

Република Бугарија и Република Македонија ќе ги интензивираат напорите за промовирање на добрососедските односи и соработка, вклучително и преку проекти и иницијативи кои би можеле да имаат практична вредност не само за двете земји, туку и за целиот регион, се вели во заедничкото писмо што министрите за надворешни работи на двете земји, Кристијан Вигенин и Никола Попоски го испратија до еврокомесарот за прошируање Штефан Филе и комесарот за регионална политика Јоханес Хан.

„Двете страни високо ги ценат можностите кои  ги дава ЕК за зајакнување на партнерството преку програмите за територијална соработка, насочени кон посилен и одржлив економски и социјален развој на регионите, на тој начин стимулирајќи го нивниот потенцијал“, се наведува во писмото.

Министрите за надворешни работи ја потврдуваат подготвеноста на двете земји да ги прошират контактите меѓу надлежните институции за да обезбедат подобра координација и спроведување на заедничките проекти во области како што се инфраструктурата, економијата и подобрување на севкупното поврзување на регионот.

„Сметаме дека треба да биде дадено приоритетно значење на постоечките проекти, кои се насочени кон развој на патната и железничка инфраструктура, со посебно внимание на Коридорот 8 ( исток-запад)“, посочуваат уште Кристијан Вигенин и Никола Попоски, нагласувајќи дека доделувањето на поголема финансиска помош за завршување на овие проекти е од клучно значење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.