среда, 30 ноември 2016  |  Вести денес: 32

Бугарија избира претседател на државата

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека новиот бугарски претседател најверојатно нема да биде познат в недела, туку дека наследникот на Плевнелиев ќе биде избран дури по вториот круг, што би требало да се оддржи на 13 ноември.

izbori-bugarija

Последни вести

Над 6,8 милиони Бугари со право на глас денеска ќе гласаат на изборите за нов претседател на Бугарија, кој ќе го наследи актуелниот шеф на државата Росен Плевнелиев, кој реши да не се кандидира за нов претседателски мандат.

Во трката за претседателската функција учествуваат вкупно 21 кандидати предложени од политички партии, коалици и независни граѓански иницијативи.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека новиот бугарски претседател најверојатно нема да биде познат в недела, туку дека наследникот на Плевнелиев ќе биде избран дури по вториот круг, што би требало да се оддржи на 13 ноември.

Според последните истражувања на јавното мислење денеска ќе се води неизвесна и тесна борба меѓу кандидатот на владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), актуелната претседателка на бугарското Народно собрание, Цецка Цачева и независниот кандидат генерал Румен Радев, кој ја има поддршката на најголемата опозициска сила во државата, Бугарската социјалистичка партија (БСП).

Речиси е сигурно дека овие двајца кандидати ќе го имаат своето финално соочување на 13 ноември, но останува крајно неизвесно кој од нив би можел да стане нов бугарски претседател.

Цачева во извесниот втор круг најверојатно ќе може да смета на гласовите на поддржувачите на помалиот партнер во владината коалиција Реформскиот блок (РФ), чиј претседателски кандидат на овие избори е Трајчо Трајков. Но, многу поважно за неа и за актуелниот премиер Бојко Борисов ќе биде да ги привлечат гласачите на националистичката коалиција Обединети патриоти (ОП), чии кандидат Красимир Каракачанов ужива поддршка на околу девет проценти од избирачите и е трет според популарноста.

Од друга страна, Радев во вториот круг најверојатно ќе може да смета на поддршка на поддржувачите на партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ) на поранешниот претседател Георги Парванов, чиј претседателски кандидат е Ивајло Какфин, но и на приврзаниците на националистичката партија Атака.

Аналитичарите проценуваат дека не е исклучено Радев да привлече и дел од гласачите на Обединетите патриоти, па оттаму Борисов најверојатно ќе мора да се согласи на некакви отстапки кон националистичката коалиција, вклучително и можен влез во неговата Влада, со цел да ги убеди нејзините лидери да го повикаат своето гласачко тело да ја поддржи Цачева.

Сепак, повеќето аналитичари проценуваат дека клучна улога во изборот на новиот претседател ќе има партијата на бугарските Турци, Движењето за права и слободи, (ДПС), кое во првиот круг го поддржа поранешниот бугарски премиер Пламен Орешански, кој на овие избори настапува  како независен кандидат.

Поддршката на ДПС во вториот круг би можела да биде клучна во одредувањето на победникот на изборите. Иако традиционално ДПС е коалициски партнер на бугарските социјалисти и на изминатите избори во најголем процент нејзините гласачи ги поддржуваа кандидатите на БСП, сепак според некои аналитичари на овие избори партијата би можела „да ја промени страната“ и под влијание на бизнис крилото предводено од младиот тајкун Делјан Пеевски, би можела да ја поддржи Цачева, секако во замена за одредени отстапки од страна на Борисов.

Според аналитичарот Димитар Бечев, Цачева се наоѓа во незавидна позиција имајќи предвид дека нејзината кандидатура од страна на ГЕРБ беше објавена дури на 2 октомври, кога најголемиот број од останатите претседателски кандидати веќе на големо ги имаат отпочнато своите предизборни активности. Иако, Борисов оцени дека Цачева би можела да биде „добра мајка на нацијата“, сепак анкетите покажуваат дека таа нема особена поддршка меѓу жените.

Аналитичарите сметаат дека во вакви услови клучна улога за тоа кој ќе победи на изборите би можеле да имаат напорите и способноста на Борисов за политички отстапки. Доколку сепак не успее во своите намери и неговата кандидатка доживее пораз од Радев, тој ќе биде приморан да се согласи на кохабитација.

Ваквата можност не е исклучена, имајќи предвид дека анкетите покажуват оти во „дуелот“ меѓу Цачева и Радев, кандидатот поддржан од социјалистите има мала предност.

Доколку Радев победи на изборите некои аналитичари не ја исклучуваат можноста Борисов да се реши и на распишување предвремени парламентарни избори, со што ќе оди на ризичен потег кој ќе му овозможи или да ја зацврсти својата политичка моќ или да ја загуби власта.

Во вакви услови, според аналитичарот Бечев, овој ноември сигурно ќе ја растресе бугарската политичка сцена од полулетаргичната состојба во која се наоѓа.

Најчитани вести