Бугарија ја проширува заштитната ограда за да се заштити од бегалци?

Постои можност Бугарија да ја прошири заштитната ограда од бодликава жица на границата со Турција за да ги спречи илегалните бегалци од Сирија и Ирак.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Светослав Лазаров изјавил дека Бугарија ја разгледува можноста да ја прошири оградата за уште 130 километри долж 240 километри долгата југоисточна граница со Турција.

Над 10.000 бегалци, повеќето од Сирија, минатата година илегално влегоа од Турција во Бугарија. Во обидот тоа да го спречат бугарските власти распоредија над илјада полицајци.

Според претходните податоци, по поставувањето на заштитната бодликава ограда, долга 33 километри и висока три метри, бројот на илегалните преминувања е намален од две илјади на 300 месечно.