Бугарија: На повидок нова Влада на чело со Борисов

„Бугарија е на чекор од спасот“, оценуваат во денешните издание софиските весници, наведувајќи дека на повидок е постигнување договор за формирање нова бугарска коалициска влада предводена од лидерот на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и поранешен премиер, Бојко Борисов, пренесува МИА.

Според најави од партиски извори, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев уште денеска на ГЕРБ ќе и го додели мандатот за формирање на владиниот Кабинет, кој се очекува да стапи на должност по 10 ноември.

По двенеделни преговори меѓу ГЕРБ и коалицијата Реформаторски блок (РБ), постигнат е начелен договор партијата на Борисов во новата влада да има 11 министри, реформаторите – шест, а еден ресор да добие партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ). Покрај ова, РБ ќе го добие и едно од трите вицепремиерски места.

По завршувањето на преговорите меѓу ГЕРБ и РБ доцна синоќа, Борисов изјави дека ја донел најтешката одлука во неговиот живот.

– Сите направивме огромни компромиси сами со себе, но со јасно сознание дека сме должни да го направиме тоа со цел Бугарија да излезе од кризата, објави Бориспов на својот профил на Фејсбук.

Тој нагласува дека во текот на преговорите биле разгледувани разни варијанти и биле „проценувани плусовите и минусите од учеството во владата“.

– И покрај тешкотиите, се обединивме бидејќи тоа е единствената шанса да се обидеме да ја стабилизраме државата, дополни Борисов.

Лидерот на АБВ, која ја фомираа група поранешни истакнати членови на досега владејачката Бугарска социјалистичка партија (БСП), Ивајло Калфин соопшти дека партијата добила понуда од ГЕРБ и РБ за учество во новата влада.

– Ќе ги разгледаме варјантите за наше учество во владата, доколку ГЕРБ и Реформаторскиот блок ги прифатат нашите предлози, нагласи Калфин.

Според Калфин, доколку за ГЕРБ и РБ не се прифатливи предлозите на АБВ, тогаш тие ќе мора да бараат друг потенцијален коалициски партнер, а тоа најверојатно би била партијата на бугарските Турци, Движењето за права и слободи (ДПС), кое е дел од актуелната Влада предводена од социјалистите.

Првично беше најавувано дека во новата влада најверојатно ќе учествува и националистичкиот Патриотски фронт (ПФ), но оваа партија доцна синоќа соопшти дека нема го поддржи владиниот кабинет на Борисов.

ПФ соопшти дека Програмската декларација на новата влада што ја договрија ГЕРБ и РБ „сериозно се разликува од она што било разгледувано и усогласено“ во текот на преговорите меѓу Фронтот и двете политички групации.

Лидерот на ПФ, Валери Сименов претпладнево соопшти дека неговата партија не се согласува со некои од одредбите наведни во Програмската декларација и дека таа „не сака да даде подршка за состав на кабинетот по секоја цена“.

Осврнувајќи се на договорот за формирање на новата бугарска влада весникот „Труд“ наведува дека сите граѓани имаат право да знаат каков компомис направиле ГЕРБ и РБ при договрањето на коалицијата, запрашувајќи „која е цената на компромисот?“.

Весникот нагласува дека договорот нема да добие поддршка од јавноста се додека луѓето не бидат сигурни дека во коалицискиот договор нема тајни клаузули.

„Труд“ потенцира и дека лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Жозеф Дол е „нотар на договорот“ меѓу ГЕРБ и РБ, алудирајќи дека двете десноцентирстички политички формации се согласиле да формираат заедничка влада под притисок на нивните европски партнери од ЕПП.

„Стадарт“ смета дека е постигнат договор за формиарње „кабинет за одење по јаже над амбисот“, нагласувајќи дека на колицијата на ГЕРБ, РБ и АБВ ќе им биде потребна дополнителна поддршка во Народното собрание, имајќи предвид дека трите коалициски партнери заедно имаат 118 пратеници или три помалку од неопходните 121 за парламентарно мноизнство.