Бугарија: Регистрацијата на ОМО Илинден е против едниството на нацијата

Основниот суд во Благоевград денеска ја одби регистрацијата на партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден.
Партијата повеќе од една деценија се бори да биде регистрирана како политичка партија во Бугарија.

Во образложението на судот стои  дека барањето на ОМО Илинден да биде регистрирана е против уставните начела на Бугарија и против, како што се нагласува, единството на нацијата.

За судот посебно е спорно барањето за предучилишно изучување на македонскиот јазик, за што инсистирале поднесувачите на барањето.

За судот било незамисливо основачите на партијата да организираат прес-конференции, симпозиуми, трибини на кои треба да се говори за односот на Бугарија кон македонското малцинство.

На судот не му се допаѓал делот во кој стои дека дека ОМО Илинден е „македонска организација на етничка основа и со потекло во границите на Бугарија“.

„Уставот на Бугарија забранува организации чија дејност е насочена против единство на нацијата и кон разгорување на национална и етничка омраза“, стои во образложението на судот.