Бугарија светски лидер во одгледување лаванда

Бугарија успеа за само неколку години да и го одземе на Франција лидерскотo место во светски рамки во одгледување на лаванда и производство на масло од ова растение, објави парискиот весник „Фигаро“.

Во Долината на розите во Бугарија се наоѓаат и бугарските полиња со лаванда, на кои работат сезонски работници, методите на работа не се модерни, но тие можат да соберат дневно до 300 килограми цветови, кои потоа се дестилираат, се наведува во репортажата на весникот.

„ Унгарија, Молдавија, поранешните југословенски републики, Украина, Крим и Кина го прекинаа производството во последните 30 години и и оставија се на Бугарија“, вели за „Фигаро“, Николај Ненов, експерт во бугарската Државна лабораторија за етерични масла.

„Бугарските производители на лавандино масло извезуваат околу 70 проценти од производството во Франција и не им продаваат само на француски козметички компании, туку и на француски производители на ова масло“, потврди Филип Лисичаров, производител на лавандино масло.

Во 2011 година Бугарија произведе 60 тони масло од лаванда, а годинава производителите се надеваат да дестилираат 120 тони, наведува „Фигаро“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.