Бугарска инвестиција вредна 3,5 милиони евра ќе отвори 100 нови работни места

Бугарската компанија „Филкаб“, која произведува електро материјали, е најновата инвестиција вредна 3,5 милиони евра и ќе отвори сто нови работни места.

Оваа компанија на македонскиот пазар е присутна веќе 10 години.

Објектот на компанијата ќе се простира на 10 илјади метри квадратни во Визбегово и ќе произведува трафостаници за пренос на електрична енергија.

„Инвестицијата во Македонија претставува знак за доверба во нашата економија и политиката на Владата“, изјави министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф.

Првиот контакт со менаџементот на компанијата, како што рече Наумов, почна пред една година и со напорна работа во последните пет месеци и со поддршка од премиерот се изнајдоа соодветни решенија овој проект да стане реалност.

„Оваа инвестиција ќе биде голем економски поттик за областа на Скопје од причина што ќе обезбеди повеќе од 50 работни места во почетната фаза и можност за повеќе од 100 нови работни места, кога инвестицијата ќе работи со полн капацитет. Исто така овој проект ќе биде од корист и за локалните македонски компании кои ќе ги изведуваат градежните работи“, изјави Наумоф.

Оваа успешна приказна, како што рече тој, ќе биде дополнителен поттик и за други бугарски компании кои сакаат да го прошират на регионалниот пазар и пошироко.

Компанијата „Филкаб“ со оваа инвестиција сака да ја зајакне својата позиција на регионалниот пазар и пошироко. – Главниот мотивирачки фактор за компанијата била желбата присутна во државната политика за подобрување на бизнис климата и привлекување странски инвестиции.

Досега инвестирале околу еден милион евра во имот, проекти и складишни објекти.

Компанијата во Бугарија има 15-годишна историја. Почна со трговија, потоа производство на различни технички линии и производи. Работи во повеќе земји надвор од Буарија како Романија, Грција, Кипар, Германија, Албанија и Косово и намерата е да развијат слична дејност и во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.