Бугарската црква мајка или маќеа за МПЦ?

Бугарската православна црква (БПЦ) на вчерашната седница на Синодот категорично ја одби поканата од македонскиот архиепископ Стефан нејзини претставници да учествуваат во свеченоста за одбележување на 1.000-годишнината од создавањето на Охридската архиепископија, на 27 мај во Охрид.

Синодот на БПЦ гласал во врска со писмото број 231 испратено од МПЦ – ОА на девети мај, а на барање на Русенскиот митрополит Наум кој предложил претставници на БПЦ да не учествуваат на настанот закажан за 27 мај.

За решението да не се испратат архиереи на одбележувањето на јубилејот во Македонија гласале митрополитот Ловчански Гаврил, митрополитот Доростолски Амвросиј, митрополитот Западно и средноевропски Антониј, митрополитот Варненски и Великопреславски Јоан, како и митрополитот Неврокопски Серафим, митрополитот Русенски Наум, митрополитот Врачански Григориј и митрополитот Видински Даниил.

Против таквиот став гласале митрополитот Сливенски Јоаникиј, митрополитот Великотрновски Григориј, митрополитот Плевенски Игнатија, митрополитот Пловдивски Николај и митрополитот Старозагорски Кипријан.

На вчерашната седница бил разгледуван и предлогот на Пловдивскиот митрополит Николај, Старозагорскиот митрополит Киприан придружуван од епископ на БПЦ да учествуваат во одбележувањето. Сливенскиот митрополит Јоаникиј предложил тој епископ да биде Мелнишкиот епископ Герасим, кој е Главен секретар на Светиот синод на БПЦ-БП.

Но и тој предлог е одбиен, односно за тоа гласале истите митрополити што биле за тоа БПЦ-БП да не учествува во одбележувањето во Охрид на 1.000 годишнината на основањето на Охридската архиепископија, а против биле оние што и на претходното изјаснување биле против БПЦ да биде покрај МПЦ-ОА при ова одбележување.

Српската православна црква соопшти дека и таа ќе ја одбележи илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија.

Во рамките на подготовките за прослава на 800 години од самостојноста на Српската православна црква во 2019-2020 година, Соборот на СПЦ одлучи во текот на оваа година молитвено и достоинствено да се одбележи и илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија, се вели во соопштението потпишано од портпаролот на СПЦ, епископот бачки Иринеј.

БПЦ минатата година прифати да и биде мајка на МПЦ -ОА

Светиот синод на Бугарската православна црква на 27 ноември одлучи да се ангажира и застапува пред помесните православни цркви за востановување на канонскиот статус на Македонската православна црква. Овој исклучителен потег кој треба да доведе до признавање на нејзината автокефалност, предизвика позитивни реакции и во црковните и во световните кругови во двете земји.

Реакцијата на БПЦ следеше по писмото што на 9-ти ноември Македонската православна црква – Охридска архиепископија го испрати до свештениците во кое се бара признавање на афтокефалноста на македонската црква и евхаристиско единство со бугарската црква.

 Светиот Синод одлучи дека, со оглед на тоа што МПЦ ја признава БПЦ – Бугарска патријаршија за своја мајка-црква, БПЦ со чувство за својата света должност, ја прифаќа одговорноста да покаже целосно содејство, со тоа што ќе посредува и ќе се застапува пред помесните православни цркви, преземајќи се што е неопходно за востановување на канонскиот статус на МПЦ. БПЦ – Бугарска патријаршија, никогаш не била рамнодушна кон страдањата на МПЦ, пишуваше во одлуката од Светиот синод на БПЦ.

Светиот синод на БПЦ одлучи да формира Синодска архиерејска комисија за преговори со МПЦ и останатите помесни православни цркви.

По оваа одлука Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА изрази благодарност до бугарскиот патријарх Нефит и до членовите на Светиот архиерејски синод на БПЦ. Според МПЦ-ОА, донесеното решение на САС на БПЦ дава надеж за конечно решавање на статусот на легитимната автокефалност на МПЦ во семејството на помесните православни цркви и очекува и во иднина, БПЦ да и биде постојан сотрудник во остварувањето на потребната богоугодна цел.

Бугарскиот патријарх Неофит рече дека решението за МПЦ се бара толку многу години, па затоа е сложено и треба многу добро да се осмисли. Според него, ова прашање треба многу добро да се осмисли, а решението да се донесе со мнозинство и сите православни цркви да имаат јасна претстава за прашањето за автокефалноста, што не беше разгледувано на минатиот Сеправославен собор на Крит.

БПЦ направи чекор кон евентуално признавање на МПЦ, што претставува како одек на затоплување на односите меѓу владите на двата балкански соседи, напиша новинската агенција „Ројтерс“ за одлуката на БПЦ да прифати да биде промотор на идејата за признавање на МПЦ-ОА во православниот свет. Сепак, агенцијата предупреди дека овој потег најверојатно нема да биде поздравен од други православни цркви, пред се на Србија и Грција, во регион каде што верскиот идентитет честопати е тесно поврзан со националистичките страсти и политиката.

„Мајчинството“ не им се допадна на Грција и Србија

Со реакција се јави и Светиот синод на Грчката православна црква, кој, како што наведе грчкиот православен сајт romfea.gr., наведе дека „одлуката на црквата на Бугарија претставува мешање во надлежностите на друга црква, што е спротивно на светите правила и канонското право и игнорирање на улогата на Вселенската патријаршија“.

Тие  се загрижен за фактот што БПЦ со нејзините активности се меша во надлежностите на друга православна црква, односно во Црквата на Србија, постапка која е спротивна на светите правила и традицијата на црквата. Светиот Синод посакува да преовлада претпазливост и одлуката на бугарската сестринска црква да не биде конечно спроведена“, соопштуваат од Светиот синод на ГПЦ, објави romfea.gr.

Анализирајќи ја одлуката на БПЦ да прифати да ја застапува МПЦ пред останатите цркви заради утврдување на канонскиот статус, белградскиот дневен весник „Политика” напиша дека ги „возбудила” црковните кругови во Белград.

Пишувајќи опширно за следот на настаните на релација меѓу МПЦ и БПЦ и одлуката на Синодот на БПЦ, весникот повикувајќи се на извори од „врвот на СПЦ напиша дека Светиот архиерејски синод на СПЦ имал редовна седница, на која на маргините се расправало и за настаните во Бугарија. Како што пишува „Политика“, во врвот на СПЦ неофицијално изјавиле дека се „изненадени со одлуката на Бугарската патријаршија и се надеваат дека Синодот во Софија ќе остане на линија на канонскиот поредок на црквата, со оглед на тоа што Охридската архиепископија на чело со архиепископот Јован Вранишковски, после неодамнешната пресуда на Европскиот суд за човекови прашања во Стразбур, е законска канонска црква на тоа подрачје“.

На православниот народ во Македонија не му се скратени никакви права. Тој факт е потврден не само со канонското право, туку и според највисоките правни акти на Европската унија, наведоа изворите на „Политика“ од СПЦ.

Македонскиот патријарх г.г. Стефан беше примен од бугарскиот Неофит

Кога се чинеше дека стивнаа реакциите, бугарската агенција БГНЕС на 21 декември објави дека поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан бил примен од патријархот на БПЦ Неофит. Тоа беше прва средба на поглаварите на двете цркви, откако БПЦ прифати да и биде мајка – црква на МПЦ.

Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, се заблагодарил на сите во Бугарија кои ја поддржуваат желбата на МПЦ да добие признание за својата незавиност и истакнал дека писмото со барањето до БПЦ било едногласно прифатено од Синодот на Македонската православна црква.

Бугарскиот патријарх Неофит за емисијата „Вера и општество” на бугарската телевизија, рекол дека „не е лесен крстот кој бугарската црква го презема, зошто досега ништо не е направено за решавање на проблемот со македонската архиепископија“.

Тогаш деканот на Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“-Скопје, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, објасни дека неизвесно и неблагодарно е да се дадат какви било проценки пред да се видат кои се следните чекори кои ќе ги преземе БПЦ.

Сè ќе беше поинаку ако БПЦ покажеше одважност и го прифатеше барем предлогот за воспоставување евхаристиско единство меѓу двете цркви. Тоа ќе ги охрабреше и останатите пријателски православни цркви на истиот чекор и дури тогаш ќе можеше да се говори за сериозен напредок во процесот на решавање на македонското црковно прашање. МПЦ – ОА, како што посочи, очекуваше поинаков одговор на своето писмо, согласно двете главни барања кои недостасуваа во одлуката на САС на БПЦ: БПЦ- Бугарска патријаршија да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА и да се воспостави евхаристиско единство меѓу двете цркви, наведе Ѓорѓевски.

Тој објасни  дека проблемот со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА има силна политичка заднина и затоа е потребно да се создаде соодветна политичка клима за негово позитивно и правилно разрешување. За реакциите во јавноста од темата за БПЦ како „мајка-црква“, Ѓорѓевски појасни дека од страна на САС на МПЦ-ОА било предложено МПЦ да ја препознае БПЦ како „мајка црква“, кога и ако ја прифати и прва ја признае нејзината автокефалност.

Тоа ќе беше потврда за сторената храброст, одважност и решителност во прифаќањето на реалноста и статусот на Македонската православна црква. Наместо тоа, засега имаме само декларативно прифаќање на „мајчинството“, рече деканот на Богословскиот факултет во Скопје.

СПЦ ја поддржува само ПОА на Вранишковски за автономна црква, а не и МПЦ-ОА

Во однос на новата територијална организација, во предложениот нов Устав на СПЦ се предвидува ПОА на Јован Вранишковски да добие статус на „автономна црква во составот на СПЦ“, а нејзиното историско седиште од Охрид да се премести во Скопје. Според новиот предлог Устав, изборот на архиепископот ќе го потврдува српскиот патријарх. Новиот Устав не предвидува можност Саборот и патријархот да не се согласат со одлуките на автономната црква во Македонија ниту предвидува „уставен лек“ за таква ситуација. Новина е и тоа што наместо досегашниот еден глас, во иднина сите владици во Македонија ќе имаат право да учествуваат во изборот на поглаварот на СПЦ.

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во контекст на најавените промени во СПЦ, во март излезе со реакција во која беше наведено дека Предлог-текстот за промена на Уставот на Српската православна црква содржи хегемонистички аспирации и националистички претензии врз суверенитетот и независноста на Република Македонија, како и грубо мешање во јурисдикцијата на МПЦ-ОА.

– Со ова, СПЦ покажува своевиден анахронизам, контрадикторност и непринципиелност кон своите сопствени одлуки: САС на СПЦ бр. 1744/ зап. 343 од 26 јуни 1959 година, чл. 165 точка 6 каде се вели: “Со оваа Одлука, престануваат да важат прописите од Уставот на СПЦ, за епархиите и архиереите на територија на НРМ. Истата Одлука на Синодот е потврдена на Светиот архиерејски собор на СПЦ – АСбр. 47/958 од 17 јуни 1959 година, донесена во Белград. Кој има очи – ќе види и кој има уши – ќе слушне!, се наведува во соопштението од Канцеларијата на Светиот синод на МПЦ-ОА објавено во пресрет на Саборот на СПЦ.

Заев и Борисов се договорија да менуваат историја

Одлуката на БПЦ да го води и помага целиот процес за признавање на автокефалноста на МПЦ – ОА  тогаш ја поздрави и премиерот Зоран Заев и ја оцени како исклучително позитивна, бидејќи во периодот беше засилена меѓудржавната соработка со Бугарија.

Како православен верник сум радосен, но уште еднаш ќе повторам Македонија е секуларна држава. Ние не сакаме да се мешаме во односите меѓу црквата, но оваа порака е исклучително позитивна и можам само да ја поздравам затоа што дефинитивно правиме напредок и во делот на признавањето на нашата македонска православна црква, рече Заев.

Тој изрази надеж дека и другите православни цркви ќе го следат примерот.

Заедно со неговиот бугарски колега Бојко Борисов минатата година изразија подготвеност историјата да не ги разделува двата народа туку да ги зближи.

Македонија затвора едно поглавје на национализам и отвора поглавје на европска иднина. Ние имаме потреба од помош, а Бугарија ќе ни ја даде,  рече тогаш премиероот Заев.

Двајцата премиери се поклонија пред споменикот на Цар Самоил во Бугарија, а во насока на зајакнување на односите во Софија најавија дека ќе се именува улица по името на покојниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, додека во Скопје ќе се именува улица по поранешниот бугарски претседател Жељу Желев.

Двајцата премиери, по поптпишувањето на договорот за добрососедтсво, се поклонија пред гробот на Гоце Делчев во Скопје на 2 август минатата година.

Граѓаните беа гневни за потпишувањето на овој договор, особено за менувањето на учебниците по историја со цел да се импленетира договорот со Бугарија. Велат дека тоа е разочарувачки и се вознемирени бидејќи никој ништо не ги прашал околу тоа. Револтот произлезе и од тоа што самиот Договор се објави непосредно пред потпишувањето на 1 август 2017 година, без да е запознаена јавноста на што се обврзува македонската држава. Кога парафите веќе беа ставени, и содржината излезе на површина, беше доцна да се менува. А договорот е со обврзувачка соджина  само за Македонија. Со цел подобрување на добрососедските односи Македонија формираше заедничката комисија за чистење на македонската историја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.