Бугарскиот патријарх го пречекал архиепископот г.г. Стефан како преставник на самостојна и автокефална црква

Бугарската православна црква и нејзиниот патријарх Неофит направиле нов гест на почит и уважување на Македонската православна црква, кој се граничи со нејзиното признавање како самостојна автокефална црква.

Како што пишува денеска „Дневник“, на литургија по повод претстојниот празник на светите Kирил и Методиј, која во понеделникот се одржа во патријаршискиот храм „Св. Александар Невски“, во центарот на Софија, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан, бил пречекан како претставник на самостојна и автокефална православна црква.

Пред почетокот на свечената литургија во која учествувале и учениците од Софиската духовна семинарија, домаќините му дале на македонскиот поглавар посебна наметка, во која се облекуваат владиците и поглаварите на автокефални цркви што доаѓаат како гости на литургијата во друга црква. Мандијата во виолетовата боја архиепископот г.г. Стефан ја носел цело време додека траела службата посветена на сесловенските светители.

– Ова е вообичаен начин на кој се пречекуваат патријарсите, архиепископите или владиците на некоја автокефална црква кога се одржува литургија во друга црква. По честа што бугарскиот патријарх му ја укажа на нашиот архиепископ минатата година кога заедно седеа во олтарот на храмот за време на литургијата, ова е уште едно, поголемо, искажување на уважување на нашиот архиепископ. Тогаш нашиот архиепископ носеше само вообичаена црна наметка, коментираат во МПЦ-ОА.

Во официјалната информација од оваа служба, која е објавена на интернет-страницата на БПЦ, г.г. Стефан е претставен како „Неговото блаженство, архиепископ на Македонија, Стефан“. Тој бил придружуван од дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј и од брегалничкиот митрополит Иларион. Наведено е дека г.г. Стефан имал „молитвено учество“ во литургијата.

– Тоа не значи дека тој учествувал непосредно во литургијата, туку дека бил дел од молитвите што се упатувале во нејзиниот тек. Тој цело време бил со бугарскиот патријарх Неофит, кој не началствувал со службата, туку патријаршискиот свештеник, тивериополскиот епископ Тихон, објаснуваат во македонската црква.

Минатата година великодостоинствениците Неофит и Стефан седеле на владичките столови. Дополнителна почит кон МПЦ била искажана и со тоа што на г. г. Стефан му било овозможено со светиот крст да го благослови моментот и од име на МПЦ. Со вакви гестови бугарскиот патријарх Неофит праќа јасна порака кого смета за носител на црковниот живот во Република Македонија во ситуација кога е непризнаена во семејството на православните цркви, а Српската православна црква се обидува како таква да ја претстави ПОА на Јован Вранишкоски, наведува „Дневник“.

Весникот потсетува дека својата наклоност кон МПЦ бугарскиот патријарх воопшто не ја криел изминативе години. Тој, на пример, во 1999 година како тогашен русенски митрополит учествувал во заедничката литургија, која врачанскиот владика на БПЦ, Kалиник, ја одржал со нашиот владика Петар во бугарскиот град Враца. Овој патријарх ужива голем углед меѓу православните цркви, осоебнои од Руската православна црква која треба да се јави како посредник во црковните преговори меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, за кои се очекува да бидат обновени во текот на јуни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.