Бугарскиот премиер најави оставка за три недели

Бугарскиот премиер Пламен Орешарски денеска изјавил дека веројатно ќе поднесе оставка помеѓу 23 и 25 јули, во склад со договорот постигнат меѓу политичките партии за одржување на предвремени избори на 5-ти октомври, пренесоа медиумите.

Орешарски рекол дека има добра причина да почека до 21 јули, кога бугарската банка која западна во проблеми, Корпбанк (Корпоративно-трговска банка), треба да продолжи со работа откако е ставена под контрола на Централната банка .

Депоненти на сите големи комерцијални банки почнаа масовно да ги подигнуваат средствата минатиот месец, кога се појавија шпекулации за наводни сомнителни договори во кои е вмешана Корпоративната-трговска банка, заради што таа беше ставена под контрола на Централната Банка.

Бугарските политички партии на 17 јуни постигнаа договор за одржување на предвремени парламентарни избори. Неколку дена пред постигнувањето на договорот, владеачката коалиција го преживеа петтото гласање за доверба на владата.