Бугарскиот претседател предлага градење директен гасовод од Русија

Бугарија има потреба од директни испораки на рускиот природен гас преку Црното Море, изјави бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за весникот Коммерсант.

„Да го наречеме тоа ’Бугарски тек’. Ваквиот пристап е диктиран од здравиот разум и барањата за енергетска сигурнота и ефикасност, не само за Бугарија, туку и за Европската унија како целина“, смета Радев.

Според него, ваквите стремежи на Софија воопшто не се разликуваат од намерите на Берлин за реализација на гасоводот Северен тек 2, за кој забелешки имаат централно и источноевропските членки на ЕУ, како и САД.

„Како за Русија, така и за Бугарија логичен избор е проширувањето на снабдувањето со руски природен гас во Европа е патот преку бугарска територија. Затоа и во наш заеднички интерес е да добиваме директно руски газ преку црноморското крајбрежје на Бугарија“, истакнува Радев.

Се очекува дека по 2019 година Бугарија ќе добие руски гас преку гасоводот Турски тек, кој минува по подморјето на Црното Море. Во тој случај земјата ќе мора да користи транзит на гасот преку Турција. Бугарија, инаку, беше главната европска точка на која требаше да излегува рускиот гасовод Јужен тек од кој Москва се откажа по големите опструкции од страна на Брисел.

Натаму бугарскиот челник вели дека неговата земја не може да купи дополнително од Русија ловци „МиГ“, бидејќи според утврдените барања од бугарската влада авионите треба да се прозиведени и да се вооружени барем во една земја членка на НАТО или ЕУ.

Според Радев, таквиот пропис е логичен од апсект на сојузничките обврски на Бугарија, „така што треба да бидеме реални дека купувањето дополнителни борбени авиони МиГ е невозможно“.

Истакнува дека и покрај тоа што Бугарија е членка на НАТО, таа и натаму својот воздушен простор го штити со ловците „МиГ-29“, и поради тоа неопходно е да се обезбеди нивна навремена техничка поддршка.

Во интервјуто, исто така, Радев информира дека ќе го покани рускиот претседател Путин да ја посети Бугарија во текот на 2018 година.

Радев пристигна во дводневна посета на Русија и во понеделникот во Москва ќе се сретне со премиерот Дмитриј Медведев. Во вторник ќе има средба со рускиот колега по должност Владимир Путин во Сочи, што ќе биде првата билатерална средба на претседатело на Бугарија и Русија во последните десет години.