Бунтовници од ПКК извршија нов напад во Турција

Двајца полицајци се повредени, од кои еден потешко при напад извршен од бунтовници на Курдската работничка партија ПКК врз безбедносните сили кои ја обезбедувале претседателската резиденција во округот Мардин, во југоисточна Турција.

Бунтовниците фрлиле бомби и стрелале со автоматски пушки кон зградата и полицајците.

Припадниците на полицијата одговориле на огнот, но напаѓачите успеале да избегаат. По нападот во регионот се испратени единици на специјалните сили, кои почнале потрага по напаѓачите. На едно место избувнала престрелка, при што се убиени двајца членови на ПКК.

Во округот Мардин курдските бунтовници ја нападнале и зградата на жандармеријата во градот Нусајбин. Следувала престрелка, која траела околу 40 минути. Бунтовниците успеале да се сокријат во околната шума. Турските сили за безбедност презеле операција за пронаоѓање на напаѓачите.

Бунтовниците фрлиле и две звучни бомби пред влезот на регионалната команда на полицијата во Тунџели, во источна Турција. Во нападот нема настрадани.

Во истиот округ изутринава курдските бунтовници активирале автомобил бомба, при преминување на полициско возило. Во нападот е тешко ранет полицаец од специјалните единици, пренесува МИА.

Предупредување за можни напади

Министерството за надворешни работи на Германија предупреди дека се можни напади во Истанбул на подземната железничка мрежа и автобуските станици, откако турските сили извршија напад врз курдските милитантни активисти во северен Ирак.

Можни се засилени напаѓачки активности на милитантната Курдистанска работничка партија (ПКК), се наведува во соопштението објавено на веб страната на германското МНР, пренесува српски „Блиц“.

Инаку, поради стравот од напади во Истанбул и воопшто во Турција, бројот на странски посетители во Турција опадна за 2, 25 отсто на 14, 89 милиони лица во првите шест месеци годинава. Ова го покажуваат податоците што денес ги објави Министерството за туризам во Анкара.

Предупредување и од турското министерство за правда

Турското Министерство за правда испратило писма до сите судски институции во земјата во кое ги предупредува за опасност од нови терористички напади во Турција.

Наводно, предупредувањето следи по разузнавачка информација, според која е можно судовите да бидат следна мета на нови напади во Турција од страна на „сепаратистичка терористичка организација“.

Воедно Министерството за правда минатата недела ги предупредило магистратите и за потенцијална опасност од киднапирање на државни службеници.

 

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.