Бурата Елеонора беснее во Европа, засега една жртва

Бурата Елеонора (Eleanor), четвртата којашто оваа зима ја зафати западна Европа,со ветрови кои дуваат и до 160 километри на час, предизвика во средата бројни несреќи и го наруши воздушниот и железничкиот сообраќај, а во Франција е пријавена една жртва.

Силните ветрови и обилните дождови ги зафатија Англија, Ирска, Швајцарија, Германија, Белгија, Холандија, брегот на Шпанија и Франција каде што 21-годишен скијач загина кога врз него паднало стебло на скијачката патека Моријон. Вкупно се повредени 15 лица, од кои четири тешко.

Северозападно од Лондон ветровите подигнале во воздух две трамполини и ги фрлиле на железничките пруги. Ветровите кои дуваат до 163 километри на час во Швајцарија и до 147 километри на час во северна Франција, предизвикаа проблеми во воздухопловниот и железничкиот сообраќај во неколку земји.

На парискиот аеродром „Шарл де Гол“ 60 отсто од летовите доцнеле на полетување, а третина на доаѓање. Најмалку 252 летови се откажани на амстердамскиот аеродром „Шипол“, а низ цела Холандија ветровите дувале со брзина до 130 километри на час. На неколку часа беше сопрен воздушниот сообраќај и на француските аеродроми во Бале-Мулус и Стразбур. На аеродромот во германски Франкфурт откажани се дваесетина летови.

Во неколку земји имаше проблеми и во железничкиот сообраќај. Во Франција патниот сообраќај е отежнат, како и железничкиот, поради паѓање на електрични водови и стебла. И во Германија се нарушени железничкиот и патниот сообраќај, а исто така откажани се и натпреварите во скијачко трчање за Светскиот куп во Оберздорф.

Во Швајцарија метеоролошката служба во средата издаде предупредување за бура од трета категорија од вкупно петте нивоа. Некои патишта превентивно се затворени поради поплави а железничкиот сообраќај делумно е запрен во кантонот Апензел. Во Швајцарија повеќето скијачки терени се затворени, како што е случај и со некои француски скијачки дестинации како Шамони и Авориаз.

Автопати се затворени и во Англија, поради паѓање на стебла и превртени возила. Шпанската метеоролошка служба издаде предупредување за северниот брег. Ви покраините Астурија и Галиција брановите достигнуваат височина до седум метри.

Стотици илјади домаќинства во западниот дел од континентот останаа без електрична енергија, особено во Франција – 225.000. Во Ирска без струја во средата сѐ уште се 27.000 домаќинства.

Во Париз Ајфеловата кула неколку часа беше затворена за посетителите поради силниот ветер. Во Франција бурата се насочи кон југоистокот од земјата и сега на Корзија се очекуваат налети на ветрот од 180 па дури и до 200 километри на час.

Елеонора е четвртата бура којашто го зафаќа споменатите западноевропски земји од почетокот на декември, по бурите Ана, Бруно и Кармен.