„Буре барут“ премиерно во прилепскиот театар

Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински” во петок и сабота, 25 и 26 април, од 20 часот премиерно ќе биде прикажана претставата „Буре барут” од Дејан Дуковски, во режија на Наташа Поплавска. Ова е првата премиера годинава во театарот „Војдан Чернодрински” поддржана од Министерството за култура.
„Буре барут” е камерна претстава.

„Буре барут” е токму за овој ансамбл, за нивниот актерски сензибилтет, кој се поклопува со фрагментарната драматургија која ја има Дукоски. Публиката ,,Буре барут,, ќе го види одблиску. Доследно го следам Дуковски во целиот негов ракопис. Публиката сама ќе може да си даде одговор на многуте прашања зошто – вели режисерот Поплавска.

На авторот на текстот Дејан Дуковски му е драго што првпат соработува со прилепскиот театар и со актерската екипа која според него има многу енергија.

Во претставата играат Игор Трпче, Димитар Ѓорѓевски, Даниела Иваноска, Владимир Ѓорѓијоски, Александар Степанулески, Димитар Црцороски, Виолета Чакарова, Марјан Чакмакоски, Катерина Чакмакоска, Наташа Наумоска, Илија Волчески, Марија С. Илијеска, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски.

Музиката во претставата е на групата Мизар, костимограф е Александар Ношпал, сценографијата и видео дизајнот е на Емил Петров, а гостин музичар е Методија Костоски.