Буш постариот префрлен во болница

Поранешниот американски претседател Џорџ Х.В Буш префрлен е во болница во неделата поради низок крвен притисок и замор, објави на Twitter портпаролот на семејството.

Деведесет и тригодишниот Буш, кој е најстариот жив поранешен американски претседател, најверојатно ќе биде задржан неколку дена во болница на набљудување и лекарски испитувања, изјавил портпаролот Џим Мекграт. Според него, поранешниот претседател е сместен во болница во јужниот дел од сојузната држава Мејн, се наоѓа во свесна состојба и не чувствува болки или тегоби.

Во април Буш постариот мина околу две седмици во болница во Хјустон поради затруеност на крвта, набргу по погребот на неговата сопруга Барбара Буш. Во јануари минатата 2017 година 41-от американски претседател беше хоспитализиран со пневмонија и беше отпуштен две седмици подоцна. Во април истата година Буш повторно беше примен во болница со слична дијагноза.

Сопругата и поранешна прва дама на САД Барбара Буш (1925-2018) почина на 17-ти април годинава, а во брак со Џорџ Х.В. Буш минаа 73 години. Буш постариот е татко на поранешниот републикански претседател Џорџ В. Буш помладиот кој исполни два мандата од 2001 до 2009 година, и на поранешниот гувернер на сојузната држава Флорида, Џеб Буш, кој не успеа да се избори за републиканска номинација на претседателските избори во 2016 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.