Цаноски знаел за отстапките во градењето на „Космос“

Фијат Цаноски знаел за отстапките во градењето на објектот „КОСМОС“. Од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам тогаш истакнаа дека постапката која ја води општинатa во врска со станбено-деловниот комплекс „КОСМОС“ е целосно во согласност со законите.

Како државен орган кој има право и законска надлежност да го спроверува Законот за градење и просторно-урбанистичко планирање, Инспекторат извршил контрола врз комплексот „КОСМОС“, како и врз работата на општината

-Утврдивме е дека општина Гази Баба ја водела постапката целосно според законите за градење и Законот за општа управна постапка. Па оттука и самата општина морала да постапи согласно Законот за градење и да се доведе до административно извршување на објектот.Таму е констатирано дека има сериозни и големи прекршувања на Законот за градење и затоа се преземени сите соодветни мерки од страна на општина Гази Баба. Законот е многу јасен и прецизен и во него точно е опишано како се постапува во ваков случај, па според ова секое друго слободно толкување кое пробува да се користи за манипулација на јавноста, едноставно е безпредметно, изјави тогаш Сашо Дукоски – Директор на државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Општина Гази Баба: Сериозни повреди на Законот за градење и констатирани неправилности и нелегални дејствија во текот на изградбата

Како што информираше тогаш Општина Гази Баба, кон отстранувањето на објектот е пристапено поради сериозни повреди на Законот за градење и констатирани неправилности и нелегални дејствија во текот на изградбата, а исто така и неотстранување на констатираните отстапувања и забелешките со кои што се дејствува спротивно на законите.

Општината тврдеше дека овластен градежен инспектор врз основа на законите за општа управна постапка и за градење на крајот на мај извршил увид во изградбата на објектот. Извршена е контрола на изградбата и побаран е увид во потребната документација за изградба која изведувачот е должен да ја има на градилиштето при што биле констатирани серија прекршувања на Законот за градење.

Според Општината, во моментот на инспекцискиот надзор на градбата на објектот, ниту изведувачот, ниту инвеститорот не доставиле заверен Основен проект по кој што се изведува градбата, односно спротивно на Законот за градење градбата се изведувала без потребната документација на градилиштето.

Отстапувањето од Основниот проект е констатирано во присуство на геодетска фирма, при што било направено мерење на висините и котите. Утврдено е дека целиот објект се изведува спротивно на основниот проект, односно повисоко за висинска разлика од 1,43 метри. Констатирано е и отстапувања во однос на габаритот и димензиите, како и конструктивни отстапувања, информираа од Гази Баба.

Цановски знаел за отстапките во градењето

Од општина Гази Баба информираа дека неправилностите се однесувале на тоа што првиот кат бил изграден 1,5 метри повисоко, а и внатрешното уредување било променето. Стануваше збор за станбен и деловен комплекс за кој што Цановски поднел проект до општината и истиот му бил одобрен. Потоа кога инспекциите излегле на терен заклучиле дека градењето на објекот не е во согласност со одобрениот проект, односно ситуацијата на терен не одговарала со таа во одобрението.

Откако Цановски бил информираан од инспекциите поднел измени на проектот до општината но од таму не добил одговор, односно немало одобрение за измените.

-Откако ги видовме забелешките на локалната самоуправа, изготвивме измени во проектот и истиот го доставивме во општина Гази Баба, но за истото немаме повратен одговор, односно одобрение, изјави Цановски тогаш.

Дури и самиот Цановски сам кажа дека го прекршил законот, бидејќи како што рече имало „отстапувања во гаражниот простор, за 1,43 метри од она што стои во основниот проект“.

По донесувањето на решението за отстранување на објектот „Космос“, Цановски поднесува елаборат за фактичка состојба до општината со кој што потврдува дека објектот е изграден спротивно на издаденото одобрение за градба. Со овој чин, самиот Цановски призна дека работел против законот. Исто така, во тој период Цановски имал долг од 3 милиони евра за комуналии за градба кон Град Скопје.