Цановски бара аргументи во политиката, а аргументите за Космос се во документацијата

Космос согласно законот за градење, започна да се гради со одобрение за градба, но за жал во текот на градбата кога инспекторката отиде на лице место констатира дека објектот се гради спротивно на одобрениот проект, спротивно на архитектонско-урбанистичкиот проект и спротивно на ДУП-от, односно дека е дивоградба. Затоа понатака се пристапи кон соодветно постапување согласно законот на отстранување на објектот, истакна градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, кој гостуваше во ТВ Нова.

Градоначалникот вели дека во овој случај воопшто не е замешана политиката и изрази жалење што Фијат Цановски бара аргументи во политиката.

-Аргументите се во документацијата, во она што беше констатирано на лице место и во она што цело време како документација беше доставувано од самиот инвеститор до општина Гази Баба. Од документите кои ги имавме добиено од самиот инвеститор, ние констатиравме дека и самиот инвеститор знаел дека објектот го гради спротивно на одобрението за градба. Тоа впрочем се докажува и во сите оние постапки од негова страна. Тоа се докажува и од елаборатот кој го изготви токму инвеститорот, затоа што во самата постапка на одредување на отстапувањата беа изработени 4 елаборати. Два од нив беа од фирма ангажирана од општина Гази Баба, еден беше од Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво и еден елаборат од страна на инвеститорот. Затоа велам дека инвеститорот со самиот елаборат кој го достави и самиот ангажираше фирма која ги мереше потврди дека објектот се гради спротивно на одобрението за градба, рече Трајковски.

Во гостувањето на ТВ Нова, тој со аргументи ги демантира невистините кои се шират за овој случај.

-Во однос на сите невистини кои беа ширени дека објектот бил со мало отстапување во однос на габаритот на објектот, во суштина од тоа отстапување кое беше од 1,43 метри се сакаше да се одбегне едно ниво на паркирање под земја. Тоа може да се констатира и со сите оние анализи ние што ги направивме дека и самиот инвеститор пред да ја започне градбата и во текот на самата градба, секаде каде даваше интервју за медиумите и на официјалните страни за продажба на становите, секаде објавуваше дека гради објект со два ката подземен паркинг и катна гаража во близина. За објектот Космос не беа одобрени два ката, беа одобрени три ката под земја и немаше одобрено катна гаража. Затоа верувам дека и самиот знаел и свесно го прекршил законот, вели градоначалникот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.