Царина заплени накит, монети, цигари и ракија

Минатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за шверц на стока, но и царинска измама. Притоа привремено се задржани златен накит, монети, две кучиња, цигари, ракија и друго.

Задржана е следната стока:

 Златен накит

– 16 парчиња 21-каратен златен накит (нараквици, ѓердан, прстен и обетки) со вкупна маса од 227 грама, откриени на граничниот премин Богородица при контрола на германски автомобил, управуван од германски  државјанин, пријавен за влез во државата. Златниот накит е пронајден во украсна кутија скриена во фабричка преграда под возачкото седиште на возилото.

Монети

– 293 стари монети, откриени на граничниот премин Табановце автопат при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, на влез во државата. Непријавените монети се пронајдени во патна торба, сместена на задното седиште на возилото.

2 кучиња од расата Азијат

При контрола на патничко моторно возило со косовски регистарски таблички, пријавено за излез од Република Македонија на граничниот премин Јажинце, царинските инспектори од Одделението за истраги, во багажниот простор на возилото пронајдоа две кучиња Азијат, за кои возачот, косовски државјанин, изјави дека се од Украина, а во Република Македонија се донесени од за него непознато лице.

Возачот приложил и пасоши за кучињата, издадени во Украина, за кои царинските инспектори утврдиле дека не се комплетни, односно не ги содржат податоците за идентификација и за утврдување на потеклото на кучињата. За сторениот прекршок на прекршителот му е изречена глоба во износ од 500 евра, а кучињата се одземени и сместени во соодветни услови во центарот за обука и дресирање на кучиња (Единица за службени кучиња) на МВР во Идризово.

Цигари и алкохол

– 60 штеки цигари марка Winston blue, West red и Rodeo со македонски акцизни маркички, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој имал намера од скопскиот аеродром Александар Велики да отпатува со лет за Гетеборг, Шведска.

– 59 штеки цигари марка Monte Carlo Bond и Rodeo Slim, со македонски акцизни маркички, откриени на граничниот премин Дојран, при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, на излез од државата. Цигарите се пронајдени сокриени во задниот браник на возилото, во десното и левото задно крило, во резервната гума, околу куќиштето на менувачот, во фабричката празнина на десната и левата предна врата, во предниот браник и во филтерот за мотор на возилото.

– 30 пластични туби со 290 литри ракија, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил извршена на патниот правец Кавадарци – Велес. Ракијата, за која возачот не поседувал никакви документи за сопственост, потекло и платени акцизни давачки., е пронајдена во багажниот простор, зад предните седишта и кај совозачкото седиште.

Техничка стока, градежни материјали, садници и средства за заштита на растенија

– 227 парчиња градежни материјали (алуминиумски прозори, рамки, лепак и др.), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на швајцарски автомобил, управуван од македонски државјанин, на граничниот премин Табановце автопат на влез во државата. Возилото не застана за царинска контрола и со голема брзина се оддалечи од граничниот премин, но за кратко време, пред Куманово, беше престигнато и запрено.

– 10 вреќи гранулат, 16 автоделови и 3 ролни фолија се откриени на  граничниот премин Табановце автопат, при контрола на македонски автобус, пријавен за влез во државата. Непријавената стока е пронајдена во багажниот простор и во предните седишта на автобусот.

– 13 делови за товарни возила (диск и плочки за кочници), откриени на граничниот премин Дојран, при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените производи биле пронајдени во  кабината на возачот, на креветот и пред совозачкото седиште возилото.

– 1 мотор на четири тркала, откриен на граничниот премин Табановце автопат при контрола на словенечки камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Иако возачот го пријавил истиот, приложувајќи документација и полномошно издадено од сопственикот, при контрола е утврдено дека бројот втиснат на шасијата на моторот не одговара на оној наведен во документите.

– Индустриска техничка стока (1 командна табла, 5 дигитални потенциометри и 3 вентили), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при преглед на багажот на турски државјанин, кој слетал со лет од Истанбул.

– 73 садници (63 за слива и 10 за круша), откриени на граничниот премин Делчево при контрола на празен македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените садници се пронајдени во церадата за покривање на киперот, која во моментот на преглед била завиткана во ролна.

– 12 kg и 1 литар производи за потхрана и заштита на растенија, откриени на граничниот премин Меџитлија при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи се пронајдени под, помеѓу и на предните и задните седишта.

Во два случаи, царинските службеници открија обиди за нелегално пренесување на регистарски таблички во два италијански автомобили. Во првиот случај, 1 комплет бугарски таблички и сообраќајна дозвола се откриени на граничниот премин Делчево, а според изјавата на возачот, тој имал намера да ги одјави во Бугарија, но не успеал, а возилото го подарил на негов пријател за да го продаде во отпад. Во вториот случај 1 комплет италијански регистарски таблички и сообраќајна дозвола се откриени на граничниот премин Меџитлија,

На ваков начин лицата ги пуштиле возилата во слободен промет, без да ги стават во пропишана царинска постапка  и без да платат увозни давачки за возилата.

 Облека и модни додатоци

– 223 пачиња детска облека (детски јакни, панталони и хулахопки) откриени на граничниот премин Табановце автопат – влез во државата, при контрола на македонски автомобил, во кој патувале  двајца македонски државјани. Непријавената стока е пронајдени во патна торба сместена зад совозачкото седиште и багажниот простор на возилото.

– 10.024 парчиња бижутерија (прстени, синџирчиња, обетки, нараквици, шноли, стегачи и штипки за коса), откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Деве Баир – Скопје, кај местото Страцин. Производите, за кои возачот не поседувал доказ за потекло и платени увозни давачки, биле пронајдени во 6 црни најлонски вреќи, сместени во багажниот простор на возилото.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 75 делови за мобилни телефони и компјутери (bluetooth слушалки и модули за напојување на компјутери) со ознаки на заштитени трговски марки се откриени на царинската испостава Скопје 2, при контрола на стока со потекло од Кина пријавена за увозно царинење за фирма увозник од Скопје.

– 1 мобилен телефон со ознака на заштитена трговска марка, откриен на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на пратка од Сингапур, наменета за физичко лице од Неготино.

Царинска измама

Царинските службеници од Службата за надзор на иматели на одобренија при Царинарница Битола открија обид за избегнување на плаќање увозни давачки во износ од околу 244 илјади денари. Контролата извршена во магацинските простории и во книговодствената евиденција на фирма од Прилеп – имател на одобрение за увоз за облагородување, покажа недостаток од 7.280 готови текстилни производи, што претходно биле евидентирани со една увозна царинска декларација, како стока вратена за поправка.

zaplenacarinaa

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.