Џонсон контролс е првиот овластен економски оператор во државата

Директорот на Царинска управа, Ванчо Каргов го предаде првото уверение за овластен економски оператор ОЕО-Ф Царински поедноставувања/Безбедност и сигурност на Џонсон Контролс Македонија Дооел.

Одобрениот статус овластен економски оператор значи дека имателот на уверение ОЕО-Ф ги задоволува предвидените законски критериумите и се смета како безбеден и сигурен партнер во трговскиот синџир на снабдување.

Со стекнувањето на статусот овластен економски оператор имателот има низа поволности како поедноставен пристап кон царинските поедноставувања бидејќи царинските органи нема повторно да ги проверуваат условите за издавање на одобрение за поедноставени постапки кои веќе биле проверени со издавањето на уверението ОЕО; помалку физички и документарни царински контроли во однос на другите економски оператори и можност за претходна најава доколку имателот е селектиран за контрола, предност пред другите оператори во случаи кога е селектиран за контрола; можност за побарување контролата да се изврши на место различно од местото за контрола определено од царинскиот орган.

Доделеното уверение претставува резултат на заедничка соработка меѓу Царинската управа и Џонсон Контролс во времетраење од 180 дена. Со заедничката соработка се поставија темелниците за сите идни подносители и се воспостави идната процедура за процесуирање на идните барања од овој тип.

 

Имателот на уверение ја стекнува и можноста за употреба на логото „Овластен економски оператор“ во своите документи со што се зголемува неговиот угледот во трговскиот синџир на снабдување. Како поволност може да се наведе и можноста за взаемно признавање на издадените уверенија во случај кога Република Македонија ќе склучи договор за взаемно признавање со друга земја.