Царината поднесе 12 кривични пријави

За „Криумчарење“, „Фалсификување на исправа“, „Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „Царинска измама“,  Царинската управа до надлежните јавни обвинителства  поднесе 12 кривични пријави против 8 правни и 14 физички лица.

Една кривична пријава е поднесена против две физички лица, македонски државјани, затоа што на ден 30.09.2014 година при претрес  на патничко возило, со кое првопријавениот се пријавил на излез од Република Македонија на граничниот премин Делчево, под тапацирите на подот, во фабричка шуплина која се протега долж целиот под од возилото, се пронајдени вкупно 28 пакувања со опојна дрога-марихуана со вкупна нето маса од околу 14 килограми. По спроведена предистражна постапка утврдено е дека организатор на транспортот е второпријавениот кој на првопријавениот му ја дал колата со која требало да ја пренесе дрогата преку граничниот премин за одреден паричен надомест. Првопријавениот откако ќе ја пренел дрогата требало да се сретне со второпријавениот во првиот град од бугарска страна.

Една кривична пријава е поднесена против едно физичко лице, американски државјанин, заради обид за криумчарење опојна дрога-марихуана. На ден 09.10.2014, осомничениот со своето патничко возило се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Блаце. Од страна на царинските службеници возилото е селектирано за детална контрола и упатено за преглед во гаражата на преминот. Во моментот кога возилото се упатило кон гаражата за преглед, пријавениот кој седел на совозачкото седиште,  го отворил прозорецот и низ него исфрлил една црна најлонска кесичка во која била завиткана опојна дрогата – марихуана со вкупна нето тежина од 11,09 грама. Пријавениот дрогата ја добил од пријател во Косово и истата имал намера да ја „растура“ по дискотеки во Скопје. На обвинетот му е изречена алтернативна мерка – условна осуда со која му се утврдува казна затвор во траење од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот за време од 5 години не стори ново кривично дело и казна – протерување на странец од земјата и забрана за влез во наредните 5 години.

Една кривична пријава е поднесена против едно физичко лице, германска државјанка, заради обид за криумчарење марихуана и магични печурки. Осомничената, на ден 12.10.2014 година на граничниот премин Табановце автопат, како патничка во автобус, се пријавила за излез од Република Македонија. При детален преглед на автобусот, зад возачкото седиште во зоната која е означена како место за пушење цигари, на самиот пулт, во хартиена кеса биле пронајдени режан тутун, филтри за цигари и хартија за виткање на тутун, како и еден женски новчаник во кој биле ставени две зипер кесички со марихуана во помала количина. Исто така при детален претрес со царинско куче, во горниот дел од автобусот, во еден од креветите кои патниците ги користат за спиење, завиткана во јорган била пронајдена една стаклена тегла наполнета со 4 магични печурки кои според вештачењето претставуваат психотропна супстанца со халуцинигено дејство. По спроведените предистражни дејствија, инспекторите од Одделението за истраги, констатираа дека режаниот тутун, марихуаната и магичните печурки се сопственост на обвинетата, на која ѝ е изречена алтернативна мерка – условна осуда со која и се утврдува казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци која нема да се изврши доколку обвинетата за време од 3 години не стори ново кривично дело и казна – протерување на странец од земјата и забрана за влез во траење од една година.

Кривична пријава за криумчарење е поднесена против две физички лица, косовски државјани, заради обид за криумчарење на стока со вредност од над милион денари. На ден 19.10.2014 година, со патничко возило со косовски регистарски таблички, осомничените се пријавиле за влез во Република Македонија на граничниот премин Деве Баир, а при извршен претрес на возилото, под патосниците, во платичните фиоки под седиштата, во наслонот за рака помеѓу предните седишта и во фиоката, пронајдени се вкупно 42 нови мобилни телефони марка iPHONE модел А1549 со слушалки, полначи и кабли за полначи со вкупна вредност од 1.033.200,00 денари.

На прво обвинетиот му е изречена парична казна во вредност од 30.750,00 денари, а на второ-обвинетата алтернативна мерка – условна осуда со која и се утврдува казна затвор во траење од 1 година, што нема да се изврши доколку обвинетата за време од 3 години не стори ново кривично дело. На двајцата обвинети им е изречена казна – протерување на странец од земјата и забрана за влез во траење од една година, одземена е стоката предмет на кривичното дело како и возилото  кое било користено за пренесување на стоката.

За царинска измама кривична пријава е поднесена против правно лице од Струга и неговото одговорно лице, македонски државјанин, поради откриен обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со приложување неверодостојна фактура при увозно царинење. Во царинската испостава Струга во 2011 година, за потребите на правното лице оцаринет е еден употребуван автобус увезен од Холандија, за кој при увозното царинење е поднесена фактура на износ од 25.000 евра. Заради сомневање во верoдостојноста на приложената фактура, Царинската управа се обрати до Царинската администрација на Холандија со барање за дополнителна проверка на фактурата, од каде е добиен одговор според кој автобусот бил превземен од државјанин на Косово, но вистинската вредност била 31.900 евра, за што е доставена и оригиналната фактура. Во соработка со царинската администрација на Косово беа потврдени наводите во одговорот од Холандија, по што Царинската управа ја утврди царинската вредност според реалната вредност на автобусот и со решение го задолжи увозникот да го доплати царинскиот долг во вкупен износ од 126.458,00 денари.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.