Царината со уште една богата заплена: Девизи, сребрен накит, фалсификати, облека и товарно возило

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, сребрен накит, фалсификати, производи од крзно и едно товарно возило.

Вкупно 14.000 евра, се откриени при личен претрес на македонски државјанин-патник во патничко возило со бугарски регистарски таблички, пријавено за излез од државата. Во левиот џеб од панталоните на патникот, царинските службеници пронајдоа 16 илјади евра, од кои 2 илјади евра му се вратени, согласно Законот за девизно работење, a останатите 14 илајди евра привремено се задржани.

Царината заплени и 159 парчиња сребрен накит со жиг 925 и вкупна маса од 821 грама, откриени при личен претрес на полска државјанка, која управувајќи патничко возило со полски регистарски таблички, се пријавила за влез во државата. Во хартиена кеса, сместена во рачната ташна на патничката, царинските службеници пронајдоа 44 прстени, 36 пара обетки, 28 нараквици, 12 приврзоци и 3 ѓердани, чија вредност е проценета на над 37 илјади денари.

Царинските службеници запленија 250 готови текстилни производи (блузи и чорапи) со ознаки на заштитени тровски марки, откриени при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење. Пазарната вредност на сомнителната стока е проценета на над 132 илјади денари доколку би се продавала како оригинал.

Запленети се и  37 рачни часовници со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за фирма увозник од Тетово, ставена под царински надзор. Пазарната вредност на сомнителните часовници се проценува на околу 114 илјади денари, доколку би се продавале како оригинали.

Цариснките службеници запленија и два мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на 2 пратки од Шведска, наменети за примачи од Битола и Велес. Стоката за која постои сомневање дека повредува права на интелектуална сопственост привремено е задржана и отпочната е постапка за утврдување на нејзината оригиналност, согласно Законот за заштита на права од интелектуална сопственост

При контрола на товарно возило со чешки таблички, се запленети 273 производи од крзно. Според приложените документи, возилото било натоварено со текстилни отпадоци, со потекло од Грција, наменети за увозник од Чешка, но при контрола на товарот, помеѓу легално пријавената стока пронајдени се и 115 женски шубари, 73 женски беретки, 36 греачи за нозе, 10 шалови и 3 женски бунди, чија вредност е проценета на над 121 илјади денари. Непријавената стока е привремено задржана, а против сторителот е поведена прекршочна постапка согласно Царинскиот закон.

Во заплената се вброи и едно товарно возило марка VOLKSWAGEN со привремени германски таблички, привремено задржано поради обид за избегнување на спроведување на пропишаните увозни формалности. Откако возилото, управувано од македонски државјанин, се пријавило за влез во државата, упатено е на царински терминал заради изготвување увозна царинска декларација, но возачот, откако поминал на терминалската вага, преку тротоарот, го напуштил терминалот, со намера да ги избегне пропишаните царински формалности.

Од страна на царинските службеници веднаш се известени граничната полиција и Службата за координација и комуникација при Царинската управа, по што со зедничка интервенција на полицијата и мобилните царински тимови возилото и возачот се вратени на царинскиот терминал. Со горенаведеното дејство странката сторила царински прекршок поради што предметната стока привремено е задржана и поведена е прекршочна постапка.