Царината спречи криумчарење на марихуана, злато и цигари

Минатата недела, царинските службеници спречија два обиди за криумчарење на марихуана и  еден обид за криумчарење на околу 700 грама златен накит. На граничните премини Блато и Табановце – автопат, во два одвоени случаи, запленети се вкупно околу 1.900 грама марихуана.

Во првиот случај на граничниот премин Блато, при контрола на албански автомобил пријавен за влез во државата и личен претрес на патник во возилото, македонски државјанин, пронајдени се околу 1,1 кг марихуана. Дрогата била сокриена во две кеси во ранец, сместен во багажниот простор на возилото, во една кеса обвиткана околу половината на патникот и во една помала кесичка пронајдена во една од неговите патики.

Во вториот случај на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на македонски автобус што сообраќа на релација Кичево – Ансбах, Германија, откриени се околу 800 грама марихуана. Дрогата е пронајдена во внатрешнаста на поставата на куфер, сместен во багажниот простор на автобусот. Сопственик на куферот е македонски државјанин, патник во автобусот.

Мобилните царински тимови, спречија обид за криумчарење на околу 700 гр златен накит. Накитот е откриен при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Меџитлија. Помеѓу предните седишта, под пластиката кај менувачот, пронајдени се 6 кесички со вкупно 711 грама златен накит (204 обетки, 95 прстени, 32 приврзоци, 10 синџичиња и 6 нараквици). Вредноста на златниот накит е проценета на околу 1,4 милиони денари.

Покрај тоа, во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани цигари, бижутерија, тоалетни води, парфеми, додатоци на исхраната, мобилни телефони, текстилни производи и фалсификати.

carina-nakit

Запленета е и козметика, модни додатоци, облека  и мобилни телефони, како и стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост.

carina-oblekaa

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.