Царината заплени девизи, цигари, фалсификати

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, цигари, дигитални шаховски часовници, дигитални рисивери, електричен алат, облека, фунгициди, инсектициди, рибарски мрежи и фалсификати. Задржана е следната стока:

Девизи

– 7.000 евра, откриени при личен претрес на двајца македонски државјани кои, со македонски автомобил, се пријавиле за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во внатрешни џебови од јакните на патниците се пронајдени, кај едниот патник 6.000 евра, а кај другиот патник 5.000 евра. Согласно законските прописи на патниците им се вратени по 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата.

– 5.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин кој, со македонски автомобил, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Меџитлија. Патникот пријавил дека со себе носи 600 евра, но при извршената контрола, во патна торба и во паричникот на патникот, пронајдени се уште 6.400 евра. Согласно законските прописи на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата.

Цигари

– 76 штеки цигари, откриени во 2 одвоени случаи на граничниот премин Деве Баир, при контрола на едно патничко возило и еден автобус, пријавени за излез од државата.

Во првиот случај, при контрола на бугарски автомобил со кој патувале три бугарски државјанки, во повеќе торби и кеси, сместени во внатрешноста на возилото, пронајдени се вкупно 54 штеки цигари марка LD, Filter 57 и Pall Mall, со македонски акцизни маркички.

Во вториот случај, при контрола на турски автобус, управуван од турски државјанин, пронајдени се 22 штеки цигари Merilyn slims без акцизни маркички. Непријавените цигари се пронајдени во куферот за документи за автобусот, во фабрички фиоки под радиото и во патната торба на водичот на автобусот, македонски државјанин.

 

Облека и модни додатоци

– 468 парчиња работна облека (панталони, јакни, мантили и комбинезони) и 16 употребувани рачни алати (брусилки, бор-машини и хефталки), откриени при контрола на македонски автобус управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи се пронајдени во повеќе торби сместени во багажниот простор на автобусот.

– 42 готови текстилни производи (женски јакни, палта и блузи) и женски ташни, откриени од страна на  мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи се пронајдени во куферот на возачот, сместен во багажниот простор на возилото.

Техничка стока

– 9 технички уреди за звук и 9 далечински управувачи за истите, откриени при контрола на патничко моторно возило со германски регистарски ознаки, управувано од германски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи се пронајдени во картонска кутија сместена позади личните работи во багажниот простор на возилото.

– 20 дигитални шаховски часовници, откриени на граничниот премин Деве Баир, при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените часовници се пронајдени во две патни торби сместени на задното седиште, во фиоката за документи, во една патна торба сместена пред совозачкото седиште и во фабричка празнина во багажниот простор на возилото.

– 11 дигитални рисивери (SAT CONN, PROTEK 9600 IP, OPTICUM 7000 CI, BLACK WIDOW-X и др.), 6 бор-машини и 1 конзола за видео игри NINTENDO WII, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на австриско возило, со кое за влез во државата се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи биле пронајдени во патнички торби сместени на задното седиште и багажниот простор на возилото.

– 9 употребувани рачни електрични алати (бор-машини, хилта, брусилки и циркулар) и 1 котур со продолжен кабел, откриени на царинската испостава Гевгелија, каде за увозно царинење била пријавена стока со потекла од Грција, натоварена на грчки камион, наменета за увозник од Скопје. Непријавената стока била пронајдена во кабината на возилото .

Останато

– 9,2 литри фунгициди (TOPAS 100 EC) и инсектициди (Confidor, Imperator-25 EC, Decis-EC 2.5, Dursban-4 и др.), откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на автобус со турски регистарски ознаки што сообраќал на редовна линија Истанбул-Гостивар. Непријавените производи биле пронајдени во патните торби на македонски државјанин, патник во автобусот.

– 25 килограми мрежа за риболов, откриени на граничниот премин Богородица,  при контрола на товарно моторно возило-кипер со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените мрежи се пронајдени во кабината на возилото, прекриени со јамболија.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 2.880 литри детски шампони (во пакувања од 200 и 500 ml) со лого на заштитена трговска марка, откриени на граничниот премин Дојран, при контрола на турски камион, пријавен за влез во државата. Возилото било натоварено со стока со потекло од Турција, наменета за фирма увозник од Косово.

– 2.402 килограми чоколадни вафли со лого на заштитена трговска марка, откриени на граничниот премин Дојран, при контрола на македонски камион пријавен за влез во државата. Возилото било натоварено со кондиторски производи со потекло од Турција, наменети за фирма увозник од Косово.

– 8 сетови од детска масичка со столче со ознаки на заштитена трговска марка, откриени на царинската испостава Струмица, при контрола на контејнер натоварен со стока со потекло од Кина, наменета за фирма увозник од Гевгелија.

zaplena Zapleneti devizi - Medzitlija