Царината заплени девизи, пиротехника, телефони и цигари

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, пиротехнички средства, козметика, цигари, делови за мобилни телефони и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Девизи

– 10.000 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на косовски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Брисел. При контрола од страна на аеродромското обезбедување, патникот пријавил дека носи со себе девизни средства, по што бил извршен личен претрес од страна на царинските службеници. Притоа во џебовите од неговите панталони пронајдени се 20.000 евра, за кои патникот не поседувал доказ за потекло и потврда за пријавени девизни средства на влез во државата.  Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 илјади евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од Република Македонија.

Пиротехника

– 38 парчиња пиротехнички средства (огномети ENIGMA FIREWORKS и Flying Tiger Candle и петарди Triangle Cracкеr), откриени на граничниот премин Делчево, при контрола на патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички со кое за влез во државата се пријавиле двајца македонски државјани.  Пиротехничките средства се пронајдени во фиоката за документи, помеѓу предните седишта и во јакната на совозачот.

– 88 парчиња петарди, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Диизелдорф.

Останато

– 5.184 паковки од по 200 ml, масло за нега на тело, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило со босански регистарски таблички, управувано од српски државјанин, пријавено за влез во државата.  Според приложените документи, возилото требало да биде натоварено со 3 палети со маслиново масло, 5 палети со метални цевки, 13 палети со моторно масло и 3 палети  со текстилни производи, но при контрола на стоката, наместо 3 палети со текстилни производи биле пронајдени 432 кутии со масло за нега на тело, со вкупна маса од 1.182 кг.

– 442  дуксери, откриени на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со косовски регистарски таблички, управувано од косовски државјанин, пријавено за излез од државата. Возачот со возилото се упатил директно на пасошка контрола, од каде бил вратен назад за да се изврши царинска контрола. При извршената контрола на возилото, на задното седиште и во багажниот простор, покриени со прекривка пронајдени се непријавените производи.

– 30 штеки цигари, марка YORK, BENSTON SLIMS, YORK GOLD и LD VIOLET-SUPER SLIM, со македонски акцизни маркички, откриени на граничниот премин Делчево, при контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за излез од државата. Непријавените цигари биле сокриени во предниот и задниот браник и во фабричка преграда во багажниот простор на возилото.

– 44 делови за мобилни телефони (полначи и екрани), откриени на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените производи пронајдени се во четири црни кеси сместени под предните седишта и во фабричка преграда под воланот на возилото.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 87 парчиња готови текстилни производи (дуксери, детски бањарки и тренерки) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Штип, при контрола на стока со потекло од Косово, наменета за увозник од Скопје.

ca ca1

ca4