Царината заплени девизи, режан тутун, цигари,…

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија една царинска измама и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, режан тутун и цигари, модни додатоци, автобус, мотори и делови за возила, текстилни производи, мобилни телефони и др. Задржана е следната стока:

Девизи

– 29.000 евра, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со германски регистарски таблички, управувано од грчки државјанин, а пријавено за излез во државата. При прегледот на возилото, во два плика, сокриени под совозачкото седиште, биле пронајдени 39.000 евра, од кои, согласно законските прописи, на лицето му биле вратени 10.000 евра, а 29.000 евра серивремено задржани.

– 9.950 евра, откриени во два одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на два македонски државјани, кои имале намера да отпатуваат со летови за Ајндховен, односно Меминген. Во првиот случај, во џебот од јакната на патник се пронајдени 6950 евра, а во вториот, во женска торба, сопственост на патничка се пронајдени 7.000 евра. Согласно законските прописи, на патниците им се вратени по 2.000 евра, износ што резиденти можат слободно да го изнесат од државата.

– 6.000 евра, откриени на граничниот премин Табановце автопат, од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автобус со дански регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, кој сообраќал на редовната линија Копенхаген-Тетово, а бил пријавен за влез во државата. По извршениот личен претрес на возачот на автобусот, во внатрешниот џеб од неговата јакна се пронајдени 16.000 евра, од кои 10.000 евра според законските прописи му се дозволени да ги внесе, додека останатите 6.000 евра се привремено задржани.

Режан тутун и цигари

– 47 пакувања со вкупно 46,5 кг режан тутун, откриени на граничниот премин Табановце автопат, од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, а пријавено за излез од државата. Непријавениот тутун бил сокриен во багажниот простор, во делот за резервната гума и под патосницата кај совозачкото седиште.

– 80 кутии цигари (75 ЛД БЛУЕ и 5 ЕВА СЛИМС) со македонски акцизни маркички, откриени на граничниот премин Деве Баир, при контрола на патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјани, а пријавено за излез од државата. Непријавените цигари биле сокриени под возачкото и совозачкото седиште од возилото.

Мобилни телефони и додатоци

– 5 мобилни телефони и додатоци (УСБ читачи за картичка, блутут адаптери, полначи за телефони и разни кабли), откриени на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, а пријавено за влез во државата. Непријавената стока била пронајдена на задното седиште, под седиштето на совозачот и во заклучената касета на автомобилот.

Мотори и делови

– 1 половен мотор за патничко моторно возило ОПЕЛ АСТРА, откриен на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, а пријавено за влез во државата. Непријавениот мотор е пронајден зад совозачкото седиште.

– 1 дизел мотор за мотокултиватор, откриен на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, а пријавено за влез во државата. Непријавениот мотор е пронајден во багажниот простор од возилото.

– 130 парчиња делови за трактори, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на автобус со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, кој сообраќал на редовната линија Белград-Охрид, а бил пријавен за влез во државата. Непријавените делови биле сопственост на македонски државјанин, патник во автобусот, а се пронајдени во багажниот простор на автобусот.

Модни додатоци и текстил

– 123 парчиња модни додатоци (рачни часовници, пенкала, УСБ и обични приврзоци, кожни паричници и женски ракавици), откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со унгарски регистарски таблички, управувано од српски државјанин, а пријавено за влез во државата. Непријавената стока бил пронајдена во внатрешноста на возилото, во фабричката шуплина на предната маска, која се наоѓа пред совозачкото седиште, како и во патнички куфер со црна боја, сместен во багажниот простор на возилото. Против возачот е поднесена кривична пријава, а во тек е и постапка за утврдување на оригиналноста на непријавената стока.

-21 парче ткаенина за свечени фустани, 5 свечени ташни и 1 каиш, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики кај македонска државјанка која пристигнала од Дубаи.

-300 женски марами, откриени на граничниот премин Богородица, од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автобус со турски регистарски таблички, кој сообраќал на редовната линија Истанбул-Струга, а пријавен за влез во државата. Непријавените марами се пронајдени во 3 патни торби, сопственост на македонски државјанин, патник во автобусот.

-165 маици откриени на царинската испостава Гевгелија, при детален преглед на стока со потекло од Грција, наменета за македонска фирма увозник.

-179 парчиња декоративна козметика (сенки за очи и кармини), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, во личниот багаж на српска државјанка, која пристигнала од Белград.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 470 пара спортски обувки со ознаки на заштитена трговска марка, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата. Возилото било натоварено со стока од фирма извозник од Кина, наменета за фирма увозник од Косово.

– 95 пара спортски обувки со ознаки на заштитена трговска марка, откриени на граничниот премин Деве Баир, при контрола на товарно моторно возило со бугарски регистарски таблички, пријавено за влез во државата. Возилото било натоварено со стока од фирма извозник од Бугарија, наменета за фирма увозник од Косово.

– 59 тротинети со ознаки на заштитена трговска марка, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило со грчки регистарски таблички, пријавено за влез во државата. Возилото било

– 15 пара тренерки и 15 парчиња јакни со ознаки на повеќе познати трговски марки, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при преглед на багажот на македонски државјанин, кој слетал со лет од Истанбул.

– 21 недовршен клуч за автомобили со ознаки на заштитена трговска марка, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на стока од фирма извозник од Кина, наменета за македонска фирма од увозник.

– 1 мобилен телефон, со ознака на заштитена трговска марка, откриен на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на пратка од Сингапур, наменета за физичко лице од Тетово.

Останато

– 1 автобус, сопственост на македонска фирма превозник, управуван од македонски државјанин, кој сообраќал на редовната линија Валона-Скопје, а бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. При прегледот на автобусот е констатирана разлика во моделот и бројот на шасија на автобусот со моделот и бројот на шасија наведен во сообраќајната дозвола.

– 27 пасоши за домашни миленици, 27 микрочипови за домашни миленици и 29 празни шишиња за вакцини, откриени на граничниот премин Табановце автопат, од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, а пријавено за излез од државата. Непријавената стока била пронајдена во торба, сместена помеѓу задното и предното возачко седиште.

– 240 парчиња од по 6 метри посребрена жица со бакарна основа, откриени на граничниот премин Богородица, од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, а пријавено за влез во државата. Непријавената стока е пронајдена во багажниот простор, на и под возачкото седиште.

– 1 употребуван апарат за кислород за помош при вештачко дишење, откриен на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со косовски регистарски таблички, управувано од косовски државјанин, а пријавено за влез во државата. Непријавениот апарат бил пронајден во багажниот простор од возилото.

– 28 распрскувачки ракети, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со швајцарски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените распрскувачки ракети се пронајдени на задното седиште од возилото, покриени со ќебе.

– 1 стара монета и 1 детектор за метал, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на возило-трејлер со австриски регистарски таблички, управувано од австриски државјанин, а пријавено за излез од државата. Непријавената монета е пронајдена во фабрички направена полица во задниот дел од возилото, додека детекторот за метал е пронајден во куферите, сместени во просторот над возачкото и совозачкото седиште.

Царинска измама

На царинската испостава Струга е откриен обид за избегнување на плаќање на царински давачки со погрешно тарифирање на стока. Фирма од Струга пријавила за увозно царинење медијапан во табли и лајсни, декларирани во тарифна ознака со пропишана стапка за царински давачки од 0%, но при документарниот и физичкиот преглед на стоката, царинските службеници утврдиле дека стоката треба да се распореди во друга тарифна ознака со пропишана стапка за царински давачки од 18%. Врз основа на новоутврдената состојба биле пресметани дополнителни увозни давачки во износ од 63.824 денари.