Македонија

Царината заплени девизи, златници, цигари, ловечка муниција…

Царината заплени девизи, златници, цигари, ловечка муниција…

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија еден акцизен прекршок и повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, златници, цигари, боја за јајца, мобилни телефони, вентили за авто-клими, хард дискови за лаптоп компјутери, ловечка муниција и фалсификати.

Царината заплени 18.000 швајцарски франци, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на српски државјанин, кој допатувал со лет од Цирих. Патникот се определил за поминување на зелен канал, каде поминуваат патници кои немаат што да пријават за царинска контрола, по што е селектиран за преглед од страна на царинските службеници. При извршениот личен претрес, во долната облека на патникот пронајдени се 30.000 швајцарски франци, од кои, согласно законските одредби, 12.000 франци (противвредност на 10.000 евра) му се вратени.

Четири златници, со вкупна маса од околу 130 грама, откриени при контрола на личниот багаж на турски државјанин, патник во патничко возило со германски регистарски таблички, упрвувано од германски државјанин, пријавено за излез од државата, на граничниот премин Табановце автопат. Во пластично кутивче, сместено во мала рачна ташна, царинските службеници открија два златника од Јужна Африка, изработени во 1974 година, и два златника од Австрија, изработени во 1915 година. Вредноста на пронајдените златници е проценета на околу 235 илјади денари.

Царината откри 51 штека цигари со македонски акцизни маркички на граничниот премин Деве Баир, при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за излез од државата. Непријавените цигари биле сокриени во фабрички празнини во багажниот простор, во внатрешноста на  вратата на багажникот, под потпирачот за рака меѓу предните седишта и под совозачкото седиште на возилото.

Вкупно 22 штеки цигари без акцизни маркички, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Богородица, при детален преглед на две патнички возила пријавени за влез во државата.

Во првиот случај при контрола на патничко возило со грчки регистарски таблички, управувано од грчки државјанин, под задното седиште и во фабрички празнини на возилото, пронајдени се вкупно 12 штеки цигари.

Во вториот случај, при контрола на патничко возило-комби со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, во најлонски кесе сместено во личниот багаж на сопатничката, грчка државјанка, пронајдени се 10 штеки цигари.