Царината заплени фаалсификати, девизи, лекови…

Царината заплени фаалсификати, девизи, лекови...
Царината заплени фаалсификати, девизи, лекови...

 

Изминатата недела царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани фалсификати, девизи, ехо-апарат, лекови, делови за индустриски машини, делови за мобилни телефони, камп приколка, автоделови, пиротехнички производи, воздушен пиштол, кученца, балони, облека и салфети.

Задржана е следната стока:

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост

– 2.280 литри средства за чистење и 2.000 топчести лагери со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи, при контрола на стока пријавена за увозно царинење на царинската испостава Гевгелија.

Во првиот случај, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Кавадарци, откриени се 2.000 сомнителни топчести лагери, чија пазарна вредност е проценета на околу 2 милиони денари, доколку би се продавале како оригинали.

Во вториот случај, при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Скопје, откриени се 2.280 литри сомнителни средства за чистење.

– 186 чанти и 105 комплети детски пижами со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на турски камион натоварен со стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Косово, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце. Пазарната вредност на сомнителните производи се проценува на околу 1,2 милиони денари, доколку би се продавале како оригинали.

Во сите три случаи производите се привремено задржани заради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи, Царинската управа започна постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Девизи

– 9.000 евра откриени при контрола на автомобил со албански регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Возачот пријавил дека со себе носи 6.000 евра, но при извршената контрола, во рачна чанта се пронајдени 11.000 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Медицинска опрема и лекови

Царината заплени фаалсификати, девизи, лекови...
Царината заплени фаалсификати, девизи, лекови…

– 1 употребуван ехо-апарат марка TOSHIBA TOSBEE модел SSA-240A, откриен при контрола на швајцарско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Ехо–апаратот, пронајден во багажникот на возилото е привремено задржан, а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 20 шишенца со прашак за инекции CONTRALOC 40 mg pantoprazol и 14 таблети CONTRACOL 20 mg pantoprazol, откриени при контрола на автобус со српски регистарски таблички што сообраќал на релација Нови Пазар-Скопје, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Лековите, пронајдени во кеса сместена зад возачкото седиште се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Делови од индустриски машини и телефони

Царината заплени фаалсификати, девизи, лекови...
Царината заплени фаалсификати, девизи, лекови…

– 1.626 разни делови за индустриски машини (електронски плочи и елементи, микроконтролери, дисплеи, манометри, камера, лагери и игли) и 1 употребуван апарат за заварување, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи се пронајдени во кабината на возилото. Производите се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 2.943 употребувани екрани на допир за мобилни телефони и таблет-уреди, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Камп-приколка и автоделови

Prikolka,Novo Selo

– 1 камп приколка, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Ново Село-отсек за стоково царинење, од страна на физичко лице – македонски државјанин, за која царинските службеници утврдиле дека називот и бројот на шасија на приколката не одговараат на податоците наведени во сообраќајната дозвола и купопродажниот договор.  Приколката е привремено задржана, а против сопственикот е поведена соодветна постапка.

– 1 турбина компресор за мерцедес за бензински мотор е откриена при контрола на автомобил со германски регистарски таблички, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Турбината е пронајдена во просторот помеѓу задните седишта, покриена со облека, и истата е привремено задржана. Против возачот е поведена соодветна постапка.

Петарди и воздушен пиштол

– 694 пиротехнички производи (петарди и факли) PIRAT, BIG TRIANGLE CRACKER, ENIGMA FIREWORKS FAKLA и други, откриени при контрола на бугарски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Деве Баир се пријавиле тројца македонски државјани. Пиротехничките производи се пронајдени во платнена ташна, сместена на задното седиште, и во кеса, сместена во багажникот на возилото. Непријавените производи кои му припаѓале на возачот се привремено задржани, а против сторителот е поведена соодветна постапка.

– 1 воздушен пиштол Walther CP99 е откриен при контрола на автомобил со германски регистарски ознаки, управуван од грчки државјанин со привремен престој во Германија, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Пиштолот е пронајден во најлонска кеса со лични работи на возачот, сместена во багажникот на возилото и истиот е привремено задржан, а против возачот поведена соодветна постапка.

Животни

– 3 млади кучиња од расите Кане корсо, Белгиски овчар и Посавски гонич се откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица. Кучињата, за кои возачот не поседувал никакви документи и кои немале микрочип за идентификација се пронајдени во пластичен кафез, сместен во багажникот на возилото.  Против возачот е поведена соодветна постапка за сторениот прекршок.

Останато

– 20 пара фармерки и 360 балони, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два автомобили, пријавени за влез во државата на граничниот премин Блаце.

Во првиот случај, при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, во кеси, сместени во багажниот простор на возилото, се пронајдени 20 пара фармерки. Истите се привремено задржани, а против возачот  е поведена прекршочна постапка.

Во вториот случај, при контрола на косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, во патна торба сместена во багажникот на возилото, пронајдени се 360 балони. Истите се привремено задржани, а против возачот е поднесена прекршочна пријава. Воедно, поради сомневање дека постои можност за повреда на права од интелектуална сопственост, ќе биде поведена и постапка за докажување на оригиналноста на производите.

– 1.920 хартиени салфети, откриени при контрола на стока со потекло од Хрватска, наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 2. Непријавените производи се привремено задржани, а против увозникот е поведена соодветна постапка.