Царинската управа поднела шест кривични пријави минатиот месец

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во текот на минатиот месец до надлежните јавни обвинителства  поднесе 6 кривични пријави против 6 физички лица и едно правно лице.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени различни кривични дела.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

До ОЈО Гевгелија е поднесена кривична пријава против лицето В.Ф., државјанин на Германија, кој на 1 јуни 2016 година на граничниот премин Богородица се пријавил за влез во Република Македонија со комби со германски регистарски ознаки. При извршена царинска контрола во внатрешноста од возилото, поточно во горната лева фиока од вградениот мал плакар, царинските службеници пронашле иноксен термос во чија внатрешност биле сокриени две проѕирни најлонски кеси наполнети со непозната материја од растително потекло со зелена боја. По извршено вештачење на растителна та материја  утврдено е дека истата преставува опојна дрога – марихуана со вкупна нето маса од 3,33 грама.

Осомичениот е предаден на судија за претходна постапка во ОС Гевгелија каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која осомничениот е огласен за виновен и определена му е казна – условна осуда – казна затвор од 1 година која нема да се изврши доколку обвинетиот за време од 1 година и 6 месеци не стори ново кривично дело, како и споредна казна – протерување на странец од земјата во траење од 2 години.

Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи

До ОЈО Куманово е поднесена кривична пријава против физичко лице С.Б., македонски државјанин, кој на 23 април 2016 година на граничниот премин Табановце се пријавил за влез во Република Македонија со товарно возило со привремени –„ЦОЛ“ германски регистарски таблици. При извршена царинска контрола во возилото, поточно полуприколката во  просторот за складирање на палети од десната страна на возилото, покрај неколку кеси со алишта во најлонска кеса завиткан во крпа, пронајден бил непријавен пиштол марка „WALTHER P22“ како и 50 парчиња муниција марка „KNALL“ 9 мм.  и 50 парчиња муниција марка „R100“. Во друга црно-бела кеса помеѓу алиштата во шарена ракавица бил пронајден уште еден непријавен пиштол марка „WALTHER“ модел PPCAL 22 LR како и  40 петарди со фитил марка  „Knallkorper Super-Boller II Feuerwerk (21510)“. На ваков начин осомничениот набавил и држел поголемо количество оружје, муниција и распрскувачки материи со што сторил кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Фалсификување исправа

До ОЈО Крива Паланка е поднесена кривична пријава против едно физичко лице Е.З., државјанин на Албанија, кој на 16 јуни 2016 година на граничниот премин Деве Баир, како возач на патничко комбе со албански регистарски ознаки, се пријавил за влез во Македонија. При царинската контрола осомничениот на царинскиот службеник му ставил на увид дозвола за транзит за линиски превоз на патници за меѓународниот патен сообраќај издадена од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија. При проверка на дозволата царинскиот службеник се посомневал во оригиналноста на истата. По извршено вештачење добиен е извештај од анализа  според кој предметната дозвола е неоригинална како образец. Осомичениот е предадена на судија за претходна постапка во ОС Крива Паланка каде е донесена пресуда со која се издава казнен налог со која осомничениот е огласен за виновен и определена му е алтернативна мерка условна осуда – казна затвор од 3 месеци која нема да се изврши доколку обвинетиот за време од 2 година не стори ново кривично дело.

До ОЈО Гевгелија е поднесена кривична пријава против едно физичко лице А.Б. македонски државјанин кој на 20 април 2016 година на граничен премин Богородица со празно товарно возило со бугарски регистарски ознаки се пријавил на излез од Република Македонија. Осомничениот на царинскиот службеник му приложил потврда за влез на празно товарно моторно возило  издадена од царинската испостава Ново Село, со која се потврдува дека возилото остварило влез во Македонија. Потврдата била заверена со царински печат од ЦИ Ново Село, потпис и факсимил на царински службеник. Царинските службеници од граничниот премин Богородица се посомневале во оригиналноста на царинскиот печат, факсимилот и потписот на царинскиот службеник со кои била заверена потврдата и извршиле проверка на истата, по што е утврдено дека под бројот наведен на потврдата, во Царинската испостава Ново Село е заведено друго товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки. Потврдата беше предадена за вештачење до МВР од каде е добиен извештај од вештачењето според кој отпечатокот од печатот и факсимилот на царинскиот службеник не се оригинални.

На ваков начин осомничениот направил лажна исправа и истата пред царинскиот орган ја употребил како вистинска со намера да избегне плаќање на глоба заради ненеавремено изнесување на странско возило од територија на Македонија.

До ОЈО Делчево е поднесена кривична пријава против физичко лице С.Г. од Делчево, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело фалсификување исправа по член 378  од Кривичниот законик, односно лажна исправа употребиле како вистинска. Со увозна царинска декларација на Царинската испостава Делчево, пријавениот увозно оцаринил употребувано патничко моторно возило. Во моментот на увозно царинење кон царинската декларација била приложена фактура издадена од продавач од Република Германија. Во наведената фактура била изготвена изјава за потекло, потпишана од извозникот, како доказ за преференцијално потекло на стоката од Европската унија, со цел на пријавениот да му биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно, увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на доказот за потекло, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинската администрација на Сојузна Република Германија со барање за верификација на доказот за потекло, согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската Заедница. Од страна на царинската администрација на Сојузна Република Германија, доставен е одговор во кој е констатирано дека продавачот   од  Германија ниту ја издал ниту ја потпишал изјавата за потекло во фактурата. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи лицето да ги доплати избегнатите давачки.

Царинска измама

До ОЈО Тетово е поднесена кривична пријава против правно лице од Гостивар и одговорното лице Х.П. од Гостивар, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „царинска измама“. Пријавените дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, кои влијаат на пресметката за наплата на царина и други увозни давачки, со намера правното лице од Гостивар да избегне делумно плаќање на истите во вкупна вредност од 12.037.366 денари. Пријавените во текот на 2009, 2010 и 2011 година во Царинската испостава Тетово со тринаесет увозни царински декларации оцариниле разни стоки увезени од Република Турција. Кон увозните царински декларации приложувале лажни фактури со значително намалени износи во однос на оригиналните, кои се дополнително добиени од царинската администрација на Република Турција, во рамки на Договорот за меѓусебна административна помош за царински прашања потпишан помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција. Лажните фактури биле изработувани на тој начин што повеќе оригинални фактури биле преправани во една која е приложувана пред македонските царински органи, а во некои случаи биле изработувани лажни фактури од наводни извозници од Република Турција, кои воопшто не издавале фактури кон пријавеното правно лице. На тој начин пријавеното правно лице избегнало делумно плаќање на увозни давачки во вкупен износ од 12.037.366 денари.