Македонија

Царинската управа со нов компјутеризиран транзитен систем

Царинската управа со нов компјутеризиран транзитен систем

Од денеска, официјално започнува во употреба Новиот компјутеризиран транзитен систем (НКТС) на национално ниво.

Една од должностите и обврските на Царинската управа претставува одржувањето и унапредувањето на конкурентен економски амбиент и реализација на економските политики на Владата на Република Македонија. Воспоставениот систем, според стандардите на ЕУ, нуди нови можности во царинското работење во делот на: употребата на напредни компјутерски системи, употребата на електронска транзитна декларација, спроведување на формалностите единствено со разменување на електронски пораки, електронска обработка на податоци. Сето ова придонесува за поефикасно спроведување на формалностите, во споредба со досегашниот систем базиран на употреба на хартија. НКТС во почетокот ќе се користи за спроведување на транзитната постапка на национално ниво, односно за движење на стоки помеѓу две места во рамки на Република Македонија. Неговата употреба на национално ниво претставува почетна и преодна фаза кон многу значајното пристапување на Заедничкиот транзитен систем на ЕУ.  Во следната фаза, преку негово поврзување со системите на ЕУ ќе се овозможи непречено движење на стоковите пратки во и од Европската унија, без царински формалности на надворешните гранични премини на ЕУ, и дополнителна придобивка во забрзувањето и олеснувањето на размената на стоки со најзачајните економски партнери на Република Македонија. Системот кој започнува со примена денеска, овозможува размена на податоци помеѓу Царинската управа и економските оператори, преку електронско поврзување од било која точка во државата. Поднесувањето на царинската декларација, исклучиво по елетронски пат, се врши преку интернет страната на Царинската управа што е погодност за оператори со мал обем на операции, но за операторите со голем обем овозможено е поврзување преку сопствено софтверско решение.

Имајќи ги предвид поволностите кои ги нуди системот, неговата примена, за економските оператори, ќе овозможи повеќе придобивки како што се: намалување на трошоци и доцнења, замена на хартиени царински транзитни декларации со единствена елеткронска декларација – порака,   побрзо ослободување и раздолжување на транзитната гаранција а со тоа и завршување на транзитната постапка во реално време, поголема флексибилност при поднесувањето на декларациите и уште многу други поволности.

 Почетокот на примената на Новиот компјутеризиран транзитен систем е реализација на заложбата за постојани реформи во царинското работење, со што се потврдува определбата Царинската управа да стане и остане најдобар сервис на граѓаните, економските оператори и државата, согласно домашни и меѓународно признати најдобри практики и да биде лидер во процесот на пристапување кон Европската царинска унија.