Царовска: Пензиите нема да се кратат

Секој пензионер согласно Законот за пензии и членот од Законот за усогласување со растот на трошоци за живот и растот на плати, ќе добива по 180 денари секој месец, од јануари до декември, или за 2017 година ќе добие вкупно 2.160 денари, соопшти денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Одговорајќи на новинарско прашање, Царовска на прес-конференција напомена дека кратење на пензиите немало и дека тоа е дезинформација.

– Вкупно 2.160 денари ќе добие секој пензионер за 2017 година зашто ќе го почитуваме Законот. Ниту сме ветиле, ниту ќе ветиме некогаш кратење право на пензионерите. Ние ќе им дадеме за една година 2.160 денари. Во 2016 година пензионерите едонкратно добија 630 денари зашто усогласувањата, двапати годишно, ВМРО-ДПМНЕ ги скрати. Со тоа им било скратено правото на пензионерите, како растат трошоците за живот и платите, така да им растат и пензиите, нагласи Царовска.

Се обврзавме, дополни, дека на крајот на секоја година ќе ја процениме кондицијата на Буџетот и ќе обезбедиме дополнително покачување на пензиите ако тоа го дозволува државната каса.

– Пензионерите се важна категорија граѓани, тие го граделе нашето општество. Владата за нив се грижи и ќе продолжи да ја унапредува нивната состојба, но кратење на членови од Законот одат спротивно на нив. Секоја година ВМРО-ДПМНЕ укинуваше по некој член, а даваше пет отсто или практично, четири пати помала сума, објасни Царовска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.