Македонија

Чавков на состанок со колегите од ЕУ и регионот во Луксембург

Чавков на состанок со колегите од ЕУ и регионот во Луксембург

Во рамки на Неформалниот состанок на министрите за правда и внатрешни работи на Европската Унија кој се одржува во Луксембург, министерот Митко Чавков учествуваше на работните сесии посветени на борбата против тероризмот, со посебен осврт на комјутерските напади како еден од облиците на тероризам, како и на работната сесија посветена на остварување на правата на барателите на азил од Блискиот Исток кои бегајќи од своите држави во кои се водат војни или други насилни судири пристинуваат во Европската Унија.

Истовремено, Чавков оствари значајни билатерални состаноци со министрите за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, Австрија, Јохана Микл-Линтер, Србија, Небојша Стефановиќ, како и со германскиот министер за внатрешни работи.

На наведените состаноци министерот Чавков предложи конкретни решенија за зајакнување и продлабочување на соработката на државите засегнати со зголемен прилив на илегални мигранти кои транзитираат низ т.н. балканска рута со цел нивно пристигнување во државите членки на европската Унија. Во насока на креирање на сеопфатен регионален одговор на феноменот на илегалната миграција, од страна на министерот Чавков беше предложено искористување на постојните меѓународни инструменти за соработка, а особено на Конвенцијата за полициска соработка на земјите од Југоисточна Европа која претставува правна основа за зајакната размена на информации, спроведување на заеднички патроли на граничните линии, заедничко користење на техничка опрема и средства, заеднички истражни тимови. Со оглед на потребата од дефинирање на итни мерки за зајакната соработка на државите во регионот, од страна на министерот Чавков беа предложени конкретни мерки за креирање рамка за соработка со цел ефикасно справување со овој заеднички предизвик.

Предложените решенија во наредниот период ќе се операционализираат од страна на соодветните служби на засегнатите држави. Министрите за внатрешни работи се согласија со потребата од зајакната соработка на службите, но и од конкретни итни мерки на заедничко дејствување против илегалната миграција.

На наведените билатерални состаноци Чавков ги запозна своите колеги од Европската Унија и од регионот со мерките што Република Македонија ги превзема во борбата против илегалната миграција. Беа истакнати значајните резултати кои Македонија ги реализира во откривањето на криминалните групи кои се занимаваат со криумчарење на мигранти, како и максимиалните напори кои се превземаат во ангажирање на човечкиот потенцијал и опремата со цел ефикасно обезбедување на границата кон Грција и Србија.

Истовремено тој искажа подготвеност за партнерско дејствување и заедничко справување со оваа појава, заедно со земјите од регионот, со другите држави на Европската Унија како и со соодветните агенции на Европската Унија.