ЦД со македонска музика промовирано во Њујорк

Со промоција на ЦД со македонска музика и изложба на двајца македонски уметници беше заокружено претставувањето на македонската култура пред американската јавност во Њујорк, по спектакуларните настапи на Македонската Филхармонија во Кауфман центар и Карнеги хол.

Во ЦД-то издадено од „Smithsonian museum“ во Вашингтон се собрани изворни македонски песни, чалгии, тапани, зурли, како што звучеле во 60-тите години во Македонија. Песните се собрани од страна на американскиот музиколог Мартин Коеиниг.

– Мислам дека е големо постигнување што влезе во каталогот на институцијата Smithsonian и таму ќе остане засекогаш. Се додека постои оваа организација ќе постои и запис на музика од Македонија што ќе биде достапна за секој на интернет или преку ЦД по пошта. Луѓето ќе можат да го нарачаат и секој ќе биде во каталогот, изјави Коеиниг за Македонската радио телевизија.

Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска најави дека овој аудио запис ќе биде промовиран и во Македонија.

– Се договоривме овој аудио видео запис да биде промовиран во Македонија, кадешто ќе го поканиме и господинот Кеиниг да дојде и заедно со него да го промовираме. Во овој запис може да се види таа силна посветеност за македонската култура, за традицијата, за фолклорот и за сето она што е карактеристично за самата музика за Македонија, истакна Канческа – Милевска.

ЦД-то го претстави американска група која го негува македонскиот фолклор во Македонскиот културен центар во Њујорк.

Присутните изразија задоволство и воодушевување од македонската музика. Некои од нив ја оценија македонската музика како убава, а други пак изјавија дека ги потсетува на младоста кога членувале во фолк групата во која учител бил Коенинг.

Покрај македонското вино и храна, гостите можеа да ги видат и инсталациите „Писмо“ на Ирена Пирковска и изложбата цртежи на Ацо Таневски.

– Додекоманија настана минатата година со вкупно 46 песни и потоа се
роди потреба тоа да се спакува во некаков поинаков објект, во една
книга збирка поезија, којашто ќе биде псоследена и со илустрацио, изјави Таневски.

Во последниве неколку дена Њујорк беше место каде македонските музичари и уметници ја претставија богата македонска култура и музика пред американската публика.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.