Целосна реконструкција на на галеријата Мартиноски во Крушево

По изборот на фирмата која ќе ги реализира работите, ќе започне целосната обнова на ентериерот на Галеријата на Никола Мартиноски, лоцирана во Крушево, проект кој е предвиден во Програма на Министерството за култура.

Во објектот каде е презентирано исклучително вредно ликовно наследство создадено од основоположникот на македонската ликовна уметност, до крајот на годината предвидено е да се реализира ентериерното тековно одржување на ѕидовите, обнова на електричната инсталација, замена на алармниот систем, како и замена на металната ограда на приодните скали. Исто така, освен целосната обнова на внатрешноста, предвидено е објектот да биде осветлен со што ќе врати сјајот на овој симбол на градот Крушево.

DSCN0916

Оваа година се преземени мерки и се прават истражувања за решавање на проблемот со складиштето за огрев во објектот, како и пренамена на простор во внатершноста кој може да се стави во функција на галериската и музејската дејност. Сите активности имаат за цел да обезбедат соодветни услови за одржување, чување и негување на збирката и делата на Мартиноски, како и на етнолошката збирка во самиот објект.

DSCN0923

Минатата година, по повод 110 години од Илинден и 110 години од раѓањето и 30 години од смртта на Никола Мартиноски, со средства на Министерството за култура целосно беше обновена и надворешноста на овој мошне значаен објект. Беа реновирани надворешната фасада и столарија, се изгради потпорен ѕид пред галеријата кој овозможи и хортикултурно доуредување на просторот, а со нов одвод спроведена е атмосферската вода од дворот и од кровната конструкција која сериозно ги загрозуваше темелите на објектот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.