ТОП

Целосно ќе се обновува амфитеатарот во Скупи

Целосно ќе се обновува амфитеатарот во Скупи

За 2,5 до 3 години треба да биде завршен и пуштен во употреба амфитеатарот во Скупи. Инвестицијата вредна седум милиони евра е дел од предвидените „40 нови проекти за младите луѓе во Македонија“, ќе има 9.000 седишта и ќе се користи за различни манифестации, концерти, музички и театарски настани.

Ова го најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по пуштањето на Центарот за физикална и хидро терапија во ГОБ „8-ми Септември“.

Одговорајќи на новинарски прашања, Груевски истакна дека со амфитеатарот Скупи, практично се обновува нешто што постоело тука уште во римскиот период. Проектот ќе биде наменет пред се за младите луѓе и ќе биде нова понуда во Скопје и Македонија.

– Македонија нема таков голем амфитеатар на отворено како што е овој, има еден голем во Охрид кој собира 3.000 до 3.500 гледачи, но овој во Скопје ќе биде најголем. Инвестицијата ќе чини седум милиони евра, работите веќе почнаа да се изведуваат од пред една недела. Се завршија сите подготвителни работи и тендерските процедури, се избра и изведувач на електронска аукција кој ги почна работите, нагласи Груевски.