Целосно обновена и конзервирана црквата „Св. Пророк Илија“ во Дојран

Целосно е реализиран проектот за обнова и конзервација на црквата „Св. Пророк Илија“ од 19 век, која е своевиден симбол на градот Дојран, информираат од Министерството за култура.

– Проектот за заштита на овој значаен споменик на културата се реализираше во шест фази, и тоа најпрвин беше направена конзервација на оригинално зачуваните делови од подната покривка на црквата и реставрација на партиите што недостигаат, по што беше целосно оформен подот на црквата. На овие конзерваторско- реставраторски активности претходеше археолошко истражување на просторот под подното ниво, со што беа откриени постари сакрални градежни структури, појаснуваат од Министерството.

Во третата фаза се извршила конзервација и реставрација на источната фасада од црквата, а паралелно се одвивале реставраторско-санациски работи на внатрешните ѕидови на објектот, оформување на отворите за прозорци и врати, како и финални работи на подот и на скалишниот простор од нартексот. Во 2015 година било извршено малтерисување на внатрешноста на црквата, а кон крајот на минатата година биле реализирани и завршните фази од овој проект.

За целосната обнова на црквата „Св. Илија“ преку Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица, во неколку буџетски години, Министерството издвоило средства во висина од околу четири милиони денари.

Црквата е изградена во 1848 година година со доброволни прилози од дојранските верници. Главен архитект бил Ѓорѓе Новаков од велешкото село Папрадиште, а била разурната и ставена надвор од употреба во текот на Првата светска војна. Со својата должина од 30 метри, широчина од 20 метри и висина од 10 метри, црквата претставува значаен и вреден архитектонски пример, кој има извонредна акустичност во својата внатрешност. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.