Целосно уништено кафуле во центарот на Прилеп во подметнат пожар

фото: 10без10

Во голем пожар рано утрото во неделата до темел изгоре кафуле во строгиот центар на Прилеп, а причинета е и штета на околните објекти, а полицијата трага по непознато лице кое го подметнало пожарот во кој целосно изгоре кафулето „Галери хаус паб“.

Според Лефтерија Миленкоска, портпарол на СВР Битола полицијата работи на расчистување на случајот.

„Полицијата и прилепскпото јавно обвинителство прават увид на местото на големиот пожар во центарот на Прилеп во кој изгоре кафулето ‘Галери хаус паб’. Се трага по непознатото лице кои со запалива течност го подметнал пожарот. Прво, стихијата ја зафатила надворешната метална конструкција, а потоа огнот се проширил на приот и вториот кат. Екипи составени од полицијата, јавното обвинителство и стручни лица се уште прават увид на местото на пожарот“, изјави Миленкоска.

Според Станко Колески, командир на прилепската противпожарна единица, повикот за огнената стихија го примиле во 3,33 часот и веднаш интервенирале. Станувало збор за голема, опасна стихија во строгиот центар на градот која можело да се прошири на повеќе соседни објекти.

Штетите се огромни и првично се проценуваат на повеќе од 200.000 евра.

„Пожарот прво почнал од покриената настрешница на кафулето, па се проширила на целиот објект. Дури беа зафатени и соседните објекти, од едната страна менувачница, а од другата аптека. Кафулето е пеплосано. Увид направи полицијата за да се утврдат причините за овој голем пожар. За 25 минути пожарот беше ставен под контрола и за неполн час беше изгаснат. Интервенитравме со две возсила и четворица пожарникари“, изјави Станкоски.

При настанувањето на пожарот објектот бил празен, но било ангажирано обезбедување. Неофицијално, постојат сомнежи дека пожарот можеби бил подметнат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.