среда, 30 ноември 2016  |  Вести денес: 32

Целосно уреден изложбениот простор на Природонаучниот музеј – се реконструира амфитеатарот

Во рамки на институцијата има музејска поставка која се простира на 1.400 м2 на два ката, каде што може да се погледнат над 4.000 поставени експонати.

музеј

Последни вести

Целосно санирање и уредување на изложбениот простор е направено во Природонаучниот музеј на Македонија, во тек е уредување на амфитеатарот кое треба да заврши до крајот на септември, а идната година во рамки на проект од програмата на Владата ќе се реализира проект за обнова на депоата во таа институција.

Сите овие инвестициски зафати за техничко-технолошко осовременување на Природонаучниот музеј, кое се одвива во неколку фази, се реализираат со средства од Министерството за култура.

Природонаучниот музеј денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која на средбата со директорот на таа институција, Ивица Заркадов, се запозна со активностите кои се одвиваат околу реализација на голем број проекти во рамки на одбележувањето на јубилејот 90 години од неговото основање на 26 октомври.

Канческа Милевска Заркадов

– Станува збор за една од најстарите институции од областа на културата која оваа година одбележува 90 години од основањето и функционирањето. Во рамките на одбележувањето на овој голем јубилеј кој се планира од страна на институцијата во периодот од 25 до 27 октомври ќе се преземат низа активности, изјави Канческа Милевска.

Природонаучниот музеј, посочи министерката, покрај својата музејска дејност има и научно-истражувачка дејност, има лаборатории, посебни одделенија каде ги обработуваат сите материјали и кои помагаат во таа научна-истражувачка и институцонална дејност.

Нагласи дека во рамки на институцијата има музејска поставка која се простира на 1.400 м2 на два ката, каде што може да се погледнат над 4.000 поставени експонати.

– Инаку, институцијата поседува над 300.000 експонати кои се наоѓаат во нејзиното депо. Тука се обработуваат посебни области од геологијата, флората, фауната, а посетителите можат сето тоа да го видат. Нешто што беше исклучително значајно за самата институција беа неколку проекти кои се наоѓаат во програмата на Министерството за култура. Првиот проект кој е целосно завршен е целосно санирање и уредување на изложбениот простор каде има тематски изложби, истакна Канческа Милевска.

Потенцира дека во тој простор изминатиот период била поставена тематската изложба „Чудесниот свет на пајаците“, која имала можност да ја посети. Изложбата, појасни, привлече големо внимание и посетеност и во период од месец ипол имаше над 6.000 посетители меѓу кои деца од предшколска и школска возраст и возрасни лица.

– Институцијата работи следната година да донесе други изложби кои се во рамки на природонауката. Тоа ќе биде изненадување. Верувам дека ќе успеат да овозможат нешто поинтересно со земјите од регионот со кој соработуваат, да видиме и други изложби. Тој проект е целосно завршен и во тој нов изложбен простор во рамките на овој јубилеј ќе биде презентирана и тематска изложба на основачот на Музејот, Станко Караман, истакна Канческа Милевска.

Таа рече дека во рамки на одбележувањето на јубилејот ќе се издаде голем Зборник од страна на институцијата и ќе се реализира меѓународен симпозиум,

– Вториот проект кој се планира да се заврши до крајот на септември е целосно уредување на амфитеатарот кој го поседува институцијата. Значи целосно реконструкција на подот, на ѕидните површини, на столчињата чиј број изнесува 70. Следната година во рамки на проектот кој се наоѓа во програмата на Владата, ќе се реализира проектот за обнова на депоата во Природонаучниот музеј, нешто што е од исклучителна важност за институцијата, додаде Канческа Милевска.

природонаучен музеј амфитеатар

Директорот на Природонаучниот музеј, Ивица Заркадов рече дека се една од најголемите установи кои имаат најголеми поставки на Балканот.

– Моментално ваков Природонаучен музеј со вакви музејски поставки нема на Балканот. Инаку, со средства од Министерството за култура успеавме да реновираме некои простории и нормално да функционираат некои тематски изложби кои сега ќе се реализираат. Очекуваме гости од странство. Нашите поставки се во повеќе одделенија и се поделени. Депоата ги одржуваме. Следната година со обновувањето ќе имаме современи депоа како сите светски музеи, додаде Заркадов.

Најчитани вести